Француската пејачка Заз мораше да ги одложи планираните концерти во Квебек, бидејќи била вратена од канадската граница затоа што не е вакцинарана против коронавирус.
Заз на Фејсбук објави дека ги одложува концертите закажани за септември, бидејќи во Квебек се во сила здравствените мерки против коронавирусот. Пејачката, иако одбива вакцинација, изјави дека го почитува сечиј избор. Таа изрази надеж дека условите ќе се променат, па ќе може да ги одржи концертите.
„Јас сум човек со интегритет, не можам да бидам тоа што сум и да го пеам тоа што го пеам, ако го правам спротивното од она што го чувствувам во моето тело, срце и душа“, додаде таа.
Заз, чие вистинско име е Изабел Жефроа, го издаде својот петти албум „Isa“ во октомври 2021 година. Стекна светска слава со песната „Je veux“ од нејзиниот прв истоимен албум во 2010 година. Таа има препознатлив глас, што некои го споредуваат со оној на познатата француска пејачка Едит Пјаф. Ги пишува своите песни и нејзината музика е мешавина од џез, соул и француска шансона. Во 2025 година, Заз ќе глуми во мјузикл за Едит Пјаф, продуциран од Томас Лангман.