Музичкиот состав Суперхикс на 21 септември во Софија ќе има целовечерен соло концерт во култниот музички клуб „Строежа”, по што ќе следи и краток акустичен сет во „Catch A Fire shop” во бугарската престолнина.
На 22 септември Суперхикс ќе настапат и во Солун како дел од популарниот „Street Mode Festival” каде бината повторно ја делат со легендарните њујорчани „Fun Lovin’ Criminals” по нивниот заеднички настап на Таксират, 2003 година.
Покрај Fun Lovin’ Criminals на фестивалот настапуваат и планетарно популарните „Villagers of Ioannina City”, „Deliquent Habits”, „1000MODS”, „Planet of Zeus” и уште многу други. Суперхикс ќе се претстават пред грчката публика со свој 50 минутен концерт.
Ова е само втор настап во 28-годишното постоење на Суперхикс во Грција по настапот пред 10 години на Balkan Festival, кој се одржа исто така во Солун.