Македонскиот ракометен прволигаш Бутел загуби вечерва на гостински терен од австриски Алпла Хард со 26-21 во рамки на првиот натпревар од 2. квалификациско коло во Лига Европа.

Австрискиот тим, кој во претходното коло го елиминираше битолски Еурофарм Пелистер 2, беше во константно водство, кое на полувреме изнесуваше три голови разлика (11-8).

Бутел одржуваше резултатска неизвесност до средината на второто полувреме, кога домаќините со серија од 3-0 поведоа со 19-14.

Австријците ја зачуваа предноста од пет голови разлика до крајот на натпреварот и му оставија тешка задача на македонскиот тим да ја анулира негативата на домашен терен.

Реваншот се игра на 4 октомври во Скопје, а поуспешниот тим ќе обезбеди пласман во групната фаза во ракометната Лига Европа во која, засега, сигурен македонски претставник е Еурофарм Пелистер.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2022 03:47