Заврши годинашната берба и откупот на винско грозје во винарската визба „Тиквеш“. Оваа година „Тиквеш“, како што соопшти, откупи најголема количина грозје во однос на минатите години. Воедно, водејќи се од стратегијата за обезбедување висок квалитет, постигната е највисока просечна цена по килограм досега.

Визбата информира дека во рамки на годинашниот откуп, заклучно со 30 септември, прими рекордни 32 милиона килограми квалитетно грозје, што е близу една третина од целокупниот откуп во државата. При тоа, постигната е просечна откупна цена од над 15 денари за килограм, што е повеќе од 11 отсто повисока од минатогодишната.

Дополнително, во согласност со својата стратегија и определба да го стимулира и наградува производството на висококвалитетно грозје кое е неопходно за производство на врвни вина, „Тиквеш“ и оваа година понуди 50 отсто повисоки цени за грозјето со висок квалитет, произведено согласно светските стандарди и критериуми за квалитет, како и дополнителни три денари за килограм грозје предадено во гајби.

– Она што нѐ прави особено задоволни оваа година е квалитетот на откупеното грозје, што е резултат на зајакнувањето на партнерскиот однос на винарницата со лозарите. Оваа година процесот на договарање и потпишување договори за откуп започна уште во мај, три месеци пред стартот на бербата, при што „Тиквеш“ потпиша околу 2.800 договори за партнерска соработка, обезбеди препарати и средства за заштита по пониски цени, стручни совети и едукација за начинот како лозарите да постапуваат во процесот на одгледување и заштита на лозјата, а обезбедени се и флексибилни начини на исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од оние кои се дефинирани со закон. Се вршеа и лабораториски и сензорни анализи, со цел да се осигура дека грозјето се одгледува според светските стандарди и критериуми за квалитет. Сите овие спроведени активности придонесоа „Тиквеш“ и оваа година да откупи грозје со посакуваниот квалитет, кој е предуслов и гаранција за високиот квалитет на вината на „Тиквеш“, велат од „Тиквеш“.

Средствата кои беа најавени од државата за поддршка на винарниците, „Тиквеш“ ќе ги искористи за интернационална промоција и подобро позиционирање на виното на странските пазари.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2022 13:18