Четириесет и пет крвни единици се собрани на денешната крводарителска акција која ја организираше рибарското Здружение „Мак-Дам“ во просториите на Занаетчискиот дом во Куманово, соопштија денеска од општинската организација на Црвениот крст.

Организаторите од Здружението и од Цревниот крст се задоволни од бројот на крводарувања.

Ова е втора акција која ја организира рибарското Здружение во која покрај нивни членови учествуваат и граѓани, во последно време се повеќе и од женската популација, што според претседателот на „Мак-Дам“, Марјан Вељановски е исклучително добро.

– Обично на редовната акција за дарување на крв која е традиционална во јануари или на почеток на февруари месец собираме над сто крвни единици. На оваа акција се надеваме дека ќе има околу 50 крвни единици за да ги задоволи моменталните потреби, изјави Вељановски.

Крводарителите повикаа здравите да се охрабрат да даруваат крв.

– Редовен сум последниве седум-осум години. Дарувањето крв освен што е хуман чин, не е штетен за здравјето така што слободно младите можат да дојдат и да даруваат крв. Битно е да си крводарител, не е битно колку пати имаш дарувано крв. Колку помлад почнуваш да даруваш крв, толку подобро, а крводарителството носи и бенефити, ако имаш повеќе од десет пати дарувано крв имаш партиципација во здравството, изјави Бранислав Димовски, крводарител.

На првата редовна крводарителска акција годинава организирана од „Мак-Дам“ биле собрани вкупно 139 крвни единици.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2022 05:07