Во најголемото албанско пристаниште Драч започна царинењето на стоката наменета за Косово.

Во објава на Фејсбук премиерот Еди Рама напиша дека од “денеска нашето море повеќе нема да биде косовско само за туризам, туку и за трговија”.

„Почна царинењето во пристаништето Драч за стока наменета за Косово, а нашето море веќе не е косовско само за туризам, туку е косовско и за трговија. Обединети а не разделени. Албанија нашата иднина. Нема време за одмор“, напиша Рама.

Министерката за финансии и економија Делина Ибрахимај и нејзиниот косовски колега Хекуран Мурати придружувани од директорите на царинските управи на двете земји денеска ја посетија царинската испостава на Косово во пристаништето Драч.

Заедничка оценка е дека царинењето на стоката во ова пристаниште му овозможува на Косово да има излез на море, со што се олеснува излезот на косовските бизниси на меѓународните пазари.

– Денеска е важен ден кога конечно профункционира и работи царинењето за сите бизниси во пристаништето Драч. Има околу 1.040 косовски компании кои го користат пристаништето и кои од денес ќе го намалат времето и трошоците за царинење, рече меѓу другото министерката Ибрахимај. Мурати изјави дека отворањето на царинската испостава во пристаништето Драч е извонредно достигнување за економијата на Косово, заштедува време и трошоци за бизнисот и оти заштедата за бизниси кои вршат трговија преку пристаништето Драч е колу 2 милиони евра.

Косовската царинска испостава е лоцирана во пристаништето Драч од 2019 година, но досега се извршуваше само регистрација на влез за стоки наменети за Косово, без никакво влијание врз намалувањето на трошоците или времето за бизнисите и потрошувачите.

На последната седница меѓу двете влади, одржана во јуни годинава, беше потпишан договорот за царинска соработка која ја означува трговска интеграција меѓу двете економии.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/10/2022 05:47