Во просториите на Општинското основно училиште „Киро Глигоров“ во Скопје денеска се одржа традиционалната манифестација „Просветен работник на годината за учебната 2021/22 година“ на која Сојузот на просветните работници додели признанија и плакети на истакнати просветни работници од предучилишно, основно и средно образование.

Валентина Ангелкоска, наставник по одделенска настава во Општинско основно училиште „11 октомври“ од Скопје, беше избрана во категорија просветен наставник од одделенска настава, Анкица Спасова, наставник по математика во Основното училиште „Тихомир Милошевски“ од Скопје, во категоријата просветен работник од предметна настава во основното образование, а Маја Трајковиќ, библиотекар во Основно општинско училиште „Невена Георгиева – Дуња“ од Скопје за просветен работник од стручна служба.

За просветен работник на годината од училиште каде наставата се изведува со ученици со посебни образовни потреби беше избрана Марија Давческа, наставник, специјален рехабилитатор и едукатор во Специјалното основно училиште „Маца Овчарова“ од Велес. Илче Ацески, наставник по информатика во Средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, беше избран за просветен работник од предметна настава во средно образование, додека Исмаили Шпреса, наставник по албански јазик и литература во Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ од Скопје, беше избрана за просветен работник од заедниците, Катерина Митковска, воспитувач во ученичкиот дом при Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ од Скопје за просветен работник на годината од стручна служба.

Претседателката на Сојузот на просветните работници, Лидија Николовска Георгиевска посочи дека тема на Светскиот ден на учителите денеска е „Трансформацијата на образованието започнува со наставниците“.

– Акцентот се става на брзата трансформација и модернизација на образовниот систем за да се овозможи благовремена и брза подготовка на идните генерации, кога ќе се носат со предизвиците и промените во иднината, но и потребата од подигнување на високи ниво на социо-економскиот статус на оваа професија и враќање на статусот на учителството со други професии рамо до рамо, рече таа.

На настанот присуствуваш и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој честитајќи го Светскиот ден на учителите, посочи дека тие наставниците се најважната алка во едукацијата на децата, затоа што непосредно го пренесуваат знаењето кое младите треба да го стекнат и изнаоѓаат најдобри начини за тоа да биде совладано и понатаму практично применливо.

– Извесно време се спроведува еден план кој има за цел да го унапреди квалитетот на образовниот систем во Северна Македонија и една компонента од истиот е токму наставниот кадар за кој предвидуваме постојан раст на личните примања, континуирана обука и подобри услови за работа и настава, рече министерот Шаќири.

Тој потсети на зголемувањето на платите на просветните работници за над 36 отсто, односно по пет проценти во 2018 и 2019 година, 10 проценти во 2020 година и зголемувањето од 15 проценти од септември годинава.

Според министерот Шаќири, многу е важно што наставниците се проактивни и во креирањето на образовните политики.

– Нивниот глас е важен и секогаш внимателно ги слушаме, а сугестиите ги интегрираме во стратегиите кои треба да обезбедат поквалитетна настава и воопшто подобар и поконкурентен образовен систем. Се надевам дека таа соработка преку нивните здруженија, како Сојузот на просветните работници, преку репрезентативните синдикати и така натаму, ќе продолжи и во иднина, бидејќи имаме иста и заедничка цел – како да создадеме подобра иднина преку подобро подготвени ученички генерации кои ќе ги предводат промените што треба да се случат, рече тој.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски истакна дека наставниците се најважната алатка во воспитно образовниот процес и, како што рече, од нив и нивната креативност и мотивираност, најмногу зависи квалитетот на генерациите кои излегуваат од училишните клупи.

– За квалитетно образование, покрај вашата умешност, потребни се и современи услови кои образованието ќе го кренат неколку скалила повисоко, рече тој дополнувајќи дека како локална самоуправа ќе инвестираат за квалитетен образовен процес во сите училишта.

Светскиот ден на учителите e меѓународен ден кој се одржува секоја година на 5 октомври. Основан е во 1994 година и го одбележува потпишувањето на Препораката на УНЕСКО/МОТ (Меѓународна организација на трудот) од 1966 година за статусот на наставниците. Оваа препорака ги наведува стандардите кои се однесуваат на политиката на образовниот персонал, регрутирањето и почетната обука, како и континуираното образование на наставниците, нивното вработување и работните услови



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 00:59