Во Европскиот парламент во Стразбур започна 20-от Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и ЕУ (Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација), предводена од претседателката на делегацијата Соња Мираковска, на кој учествува Делегација од Собранието на Република Македонија, во состав Фиснике Бектеши-Шаќири, Жаклина Лазаревска, Никола Мицевски, Иванка Василевска, Снежана Калеска-Ванчева и Сафије Садики-Шаини, јави дописникот на МИА.

Претседателката на македонската делегација, Соња Мираковска, најпрво изрази задоволството „што после три години, овој пат со еден поинаков статус во нашиот евроинтегративен пат, како земја која ги отпочнала преговорите за членство во ЕУ“.

-Благодарение на државничките одлуки и чекори кои беа преземени од страна на македонските институции во изминатите месеци, се донесе одлуката на Советот на ЕУ за усвојување на Преговарачката рамка на 18 јули 2022 година и се одржаа Меѓувладините конференции за нас и за Албанија на 19 јули 2022 година, рече Мираковска.

-Усвојувањето на Преговарачката рамка практично го трасираше патот за почеток на преговори, последната фаза од овој повеќедецениски процес и историски настан на кој работеа многу политичари, експерти и граѓани во изминатите децении, настан за кој направивме многу жртвувања, многу компромиси и отстапки, вложивме многу енергија и многу напорна работа, не размислувајќи за нашите политички кариери и за последиците од таквите одлуки. Но, една визија која сите не обединуваше на ова патешествие е визијата за подбар живот на нашите граѓани и за остварување на втората стратешка цел за која тие се определија уште при нашето осамостојување: полноправното членство во Европската унија, рече таа.

Имајќи ги предвид реакциите во јавноста за содржината на Предлог-преговарачката рамка, Мираковски потсети дека Собранието донесе Заклучоци со кои се задолжува сегашната и идните влади да ги почитуваат „нашите црвени линии во текот на самиот процес на преговори’.

-Тие предвидуваат Владата доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ, а преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со почитување на нормите на меѓународното право. Истовремено, ја задолживме Владата прашањата поврзани со билатералните договори кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори.

Таа понатаму рече дека дека пристапните преговори не се едноставна техничка операција, туку комплексен пакет на реформи, адаптација на институционалната инфраструктура и засилена информативна активност во јавноста за предностите од нивното спроведување.

Од страна на Европскиот парламент, кој е докажан безрезервен поддржувач на македонските евроинтеграции, собраниската делегација очекувазасилена поддршка и споделување на искуства и видувања од претходните циклуси на проширувањето.

На крајкот Мираковска изрази искрено уверување дека „одлуките кои ги донесовме особено во последните години, од одредена временска дистанца, ќе се покажат како исправни и со стратешка важност за иднината на следните генерации. Големината на одлуките секогаш се вреднува според нивниот долгорочен, а не според нивниот краткорочен ефект. “

Копретседателот на Мешовитиот комитет Андреас Шидер од своја страна изрази уверување дека дека сме „во посебен момент од односите на ЕУ со Република Северна Македонија.

-Овој состанок се одржува во особено чувствителен момент не само за Северна Македонија туку и за ЕУ, со почетокот на објаснувачкиот скрининг по првата меѓувладина конференција во јуни. Значи ова е историски момент не само за Република Македонија туку и за ЕУ, рече Шидер.

Шидер понатаму нагласи дека се потребни реформи кои Собранието треба да ги носи на патот кон ЕУ, потсетувајќи дека ЕП е против парламентарниот бојкот.

-Бојкотот го забавува добриот реформски процес на земјата како и постигнатото. Да нагласам потребен е простор за меѓупартиски дијалог за да се постигне напредок во остварувањето на стратешките цели на Република Македонија, што беше повлечено во резолуцијата на ЕП во мај годинава и на Жан Моне дијалогот, рече Шидер.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 02:34