Во Европскиот парламент во Стразбур заврши првиот ден од 20-от Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ (Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација), овој пат со еден поинаков статус во евроинтегративниот пат на земјата, сега како земја која ги отпочнала преговорите за членство во ЕУ. Претставниците на европските институции, европратениците и македонските пратеници го посочија фактот дека започна нова фаза во односите меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Копретседателот на Мешовитиот комитет Андреас Шидер уште на почетокот од состанокот изрази уверување дека сме „во посебен момент од односите на ЕУ со Република Македонија“.

-Со почетокот на објаснувачкиот скрининг после првата меѓувладина конференција во јуни. Значи, ова е историски момент не само за Република Македонија туку и за ЕУ, нагласи Шидер.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, при неговото обраќање особено инсистираше на тоа дека на овој момент земјата чекаше 17 години.

За вицепремиерот состанокот беше добра можност да се прикаже што е она што го правиме сега, со сите напори и реформи за членството во ЕУ.

– Сега во еден нов дух во контекст со почеток на преговорите на 19 јули. Да објасниме како тече процесот на скринингот во Брисел и кои се наредните чекори што следуваат. Очекуваме да има и усогласени заклучоци, што ќе дадат на некој начин поткрепа, поддршка и мотивација и за Владата, но и за целиот тим којшто работи во Брисел на скринингот, изјави Маричиќ.

Претставниците на Европската комисија во нивните обраќања особено нагласија дека Република Северна Македонија е сигурен партнер на ЕУ, бидејќи таа е 100 отсто синхронизирана во надворешната политика, тоа е многу важно во контекст на војната во Украина.

На забелешката на европратеничка Тинеке Стрик за последиците и притисокот на францускиот предлог врз македонското општество и политика, која побара ЕУ да даде позитивен сигнал до земјата дека навистина е со неа и со нејзините граѓани.

Претставниците на Европската комисија нагласија дека со Северна Македонија „сега сме во фаза на спроведување на по меѓувладината конференција, одговорноста е сега да им објасниме на сите граѓани како во ЕУ, така и во Северна Македонија дека сме во нова фаза, дека се оди напред и дека солидарноста на ЕУ ќе дојде до израз на повеќе планови.“

Според ЕК, претстои многу работа во реформите, со извештајот за напредокот ќе биде направен приказ на се што треба да се направи, најмногу од тоа ќе биде во надлежност на Собранието преку компромиси.

– Уставната реформа во смисла на влегување во Уставот на други национални малцинства, тоа е една од областите каде се очекува инклузивен процес од сите страни, подвлекоа претставниците на ЕК.

Постојаниот известител при ЕП за напредокот на земјата, Илхан Ќучук од Стразбур потсети на важноста на дијалогот особено на парламентарната димензија на истиот. Копретседателот на Мешовитиот комитет Андреас Шидер исто така побара од сите политички актери да делуваат во иста насока кога станува збор за стратешките интереси на земјата, односно евро-атлантските процеси, посочувајќи дека бојкотот не е решение бидејќи не се донесуваат потребните реформи, а стагнираат и тие што се во тек.

Тој исто така испрати апел до опозицијата и Мицковски дека за стратешките интереси на земјата и НАТО треба заеднички да се работи. За да на крајот да им порача на пратениците и на граѓаните на Северна Македонија дека „овде (ЕП) е заеднички и ваш дом“, изразувајќи желба земјата да стане поскоро членка на ЕУ и македонските претставници да заседаваат во ЕП.

Имајќи ги предвид реакциите во јавноста за содржината на Предлог-преговарачката рамка, Соња Мираковска потсети дека Собранието донесе заклучоци со кои се задолжува сегашната и идните влади да ги почитуваат „нашите црвени линии во текот на самиот процес на преговори“.

Македонските пратеници и европратениците вечерва дебатираа за владеење на правото, борбата против организиран криминал и корупција и за граѓанско општество и медиумите.

По работната вечера приредена во нивна чест, утре втората сесија на 20-тиот Мешовит парламентарен комитет – ЕУ и Северна Македонија е посветен на животната средина и енергетиката, добрососедски односи и регионална соработка, извештај за Дијалогот Жан Моне, за на крајот да бидат усвоени препораките.

Основна цел на МПК е разгледување на сите аспекти на односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, особено имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Комитетот формално придонесува кон издигнување на повисоко ниво на односите и соработката на Собранието со Европскиот парламент, на неговата улога во Спогодбата налага обврска за Советот на ЕУ, Европската комисија и Владата на Република Северна Македонија за нивно целосно учество во неговата работа и редовно информирање на секој состанок на МПК за степенот на спроведување на Спогодбата.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 03:30