Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денес оствари средба со новата амбасадорка на Кралството Шведска во земјава, г-ѓа. Ами Ларсон Џеин, на која и посака успешна дипломатска мисија во нашата земја.

Груби и Ларсон Џеин разговараа за добрите билатерални односи меѓу двете земји, за важните одлуки што ги има преземено Македонија за изградба на здравите темели на едно демократско општество засновано на вредностите на еднаквост и консензуална демократија, како и за реализација на целта на интеграција во евроатлантските структури преку Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство.

Првиот заменик претседател на Владата, Груби ја информираше амбасадорката Ларсон Џеин за напредокот што земјата го постигна на патот кон Европската Унија со отворањето на преговорите за интеграција, изразувајќи благодарност за континуираната поддршка на Шведска во овој исклучително важен процес за прогресивната иднина на земјата.

На средбата беше изразено и големото значење за унапредување на интегративниот процес, при што Груби ја информираше шведската амбасадорка за посветеноста на прозападната Влада на земјата за усвојувањето на уставните измени, за интензивните подготовки што се прават за скрининг процесот што ќе започне на 7 Ноември годинава и максималната посветеност во процесите на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Амбасадорката Ларсон Џеин изрази благодарност за големата поддршка што нашата земја ја дава на интеграцијата на Шведска во НАТО и целосната поддршка на нејзината земја во сите неопходни процеси на развој и интеграција на Македонија во Европската унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 14:34