Се наоѓаме на почетокот на преговорите со ЕУ во коишто исклучително е важно да имаме јасен консензус и голема инклузивност како за целиот процес така и за нашите државни цели и придобивки што ќе ги добиеме со процесот. Иако на моменти бирократскиот јазик којшто се користи, обемноста, притисокот за промена која што ќе мораме да ја направиме, како и европските институции кои за истите ќе не држат отчетни може да ја поматат јасноста на тоа за кого сето ова го правиме, јас ќе повторам, ова го правиме за нас и за следните генерации. Сите реформи кои ни следат треба да ги спроведеме и да бидат проследени со промена на навики и на свеста.

Ова го истакна денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските сектори и инвестиции Фатмир Битиќи во обраќање на конференцијата „Промовирање на конструктивен капитал во Македонија“ организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Центарот за меѓународно приватно претпријатие (ЦИПЕ).

-Војната во Украина го насочи фокусот на Унијата на политики со кои треба да се обезбеди безбедно и непречено функционирање на економијата и тука механизмот за скрининг на директните странски инвестиции е од особено значење и поради тоа оваа регулатива е дел и од стратешкиот дијалог со САД. Тоа значи дека Владата го има идентификувано како таков и секако е подготвена да го направи тоа, рече Битиќи.

Осврнувајќи се на работите коишто Владата последните две години ги има преземено за подобрување на поддршката за инвестициите тој најави дека од 1 јануари 2023 гдоина Македонија ќе биде прва земја во регионот, можеби и пошироко која што ќе воспостави дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција за поддршка на инвестиции, односно за давање информации за инвестиции во нашата земја.

-Ќе бидеме првата земја во регионот и пошироко која ќе воведе дигитален асистент за поддршка на инвестиции, наместо да добивате 20 различни луѓе кои ќе ви дадат 20 различни информации, ќе го имате дигиталниот систем кој ќе зборува на три јазици англиски, македонски и албански и ќе добиете целосен извештај за чекорите кои треба да ги поминете за да добете поддршка од страна на Владата за одредена инвестиција независно од тоа дали е домашна или странска затоа што ние пред пет години ги усогласивме политиките за еднаков пристап кон добрата на државата и за странските и за домашните инвеститори, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој додаде и дека заедно со Светска банка се работи на воспоставување систем за менаџмент на информации со кој ќе се изврши дигитализирање на 11 процеси, на 11 различни институции што оперираат со механизмот на државната помош, контрола на искористеноста на механизмот на државна помош за поддршка на инвестиции, и најбитно, ќе овозможи алатка за следење на ефикасноста и ефективноста на државната помош која што се користи за поддршка за инвестиции, но и на други политики.

-Ние никогаш не го сфаќаме или не сакаме да сфатиме дека МЗШВ и нивните агенции оперираат со најголемиот механизам и најголемите фондови за државна помош, која што годишно ја даваат, но никој досега не зборува за ефикасноста и ефективноста на тој механизам. Денеска да имам на располагање да поддржам со 150 милиони евра компанија од приватниот сектор знаете каков буст ќе е тоа на економијата. Ние даваме 150 милиони евра за земјоделство во изминатите 10 години, а се соочивме заради кризата во Украина, со недостиг на храна затоа што сфаќаме дека земјоделското производството се намалува наспроти зголемување на субвенциите. Ете тој механизам е клучен за да сфатиме каде одиме и какви политики креираме, рече Битиќи.

Тој потенцира и дека имаме функционално неписмени во Агенцијата за вработување затоа што ако иднината се заснова на четвртата индустријализација, а повеќето од нас не знаат што е вештачката интелегенција, треба да се прилагодуваме, и затоа промената почнува од самите нас, а не од другите, но прво треба да признаеме каде се наоѓаме.

На конференцијата ќе бидат промовирани три публикации поврзани со процесот на европска интеграција, насочени кон економските перспективи коишто земјата ќе ги има со почеток на преговорите.

Според Џон Кеј, програмски офицер за Европа и Евроазија во Центарот за меѓународно приватно претпријатие (CIPE), во однос на скрининг механизмот за директни странски инвестиции што доаѓаат во земјата, важна е отчетноста на инвестициите, односно дали станува збор за конструктивен капитал или за корозивен капитал кој обично доаѓа на пазари каде нема транспарентност, нема отчетност и нема добро владеење, или пак навистина нема добар бенефит за засегнатите страни или за локалното влаедеење на правото. Со трите пибликации, изработени врз онова на извештаи и од соработката со стопански комори и граѓанскиот сектор, се даваат препораки за намалување на лошите последици од корозивниот капитал, односно да се искористат можностите кои Македонија ги има за конструктивни инвестиции.

Зоран Нечев од Институтот за демократија,изјави дека засега Македонија, но и сите земји од регионот немаат механизам во којшто можат да ги оценуваат квалитетот и самиот интегритет на инвестициите коишто влегуваат во земјата.

-Преку една од публикациите нпромовираме механизам којшто веќе постои во самата ЕУ, постои регулатива и Македонија поради почеток на преговорите ќе мора таа да ја имплементира. Но ние отидовме чекор понатаму и утврдиме начин која е потребата од ваков механизам да се воведе што е можно побрзо, особено сега во светло на воената агресија на Русија врз Украина, изјави Нечев.

Тој посочува дека инвестициите зависат од самата инвестициска клима која што државата ќе ја креира, а механизмот за оценување на квалитетот на инвестициите, е филтерот низ којшто мора да поминат сите инвестиции за да влезат во земјата, за да се спречи влез на корозивен капитал, кој откако ќе влезе многу тешко се искоренува, а, вели, може да направи огромни проблеми во нашата економија.

Конференцијата претставува завршен настан на проектот „Адресирање на корозивниот капитал во Македонија“ поддржан од Центарот за меѓународно приватно претпријатие (CIPE) имплементиран од Институтот за демократија.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 15:11