Зелената агенда за Западен Балкан е нова стратегија за раст на регионот, со која традиционалниот економски модел се ориентира кон одржлива економија во согласност со Европскиот зелен договор. Тој е вграден во Економскиот и инвестицискиот план, кој има вистински трансформативен потенцијал и има за цел да го поттикне долгорочното закрепнување на земјите од Западниот Балкан и нивната економска конвергенција со ЕУ, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на деветтата Министерска конференција за животна средина за Европа.

Министерот, при обраќањето на пленарната седница и на тркалезната маса „Позеленување на економијата во паневропскиот регион: Работа кон одржлива инфраструктура“, зборуваше за предизвиците за воспоставување на одржлива инфраструктура и за најзначајните бариери за планирање и извршување на одржливи инфраструктурни решенија во регионот на Западниот Балкан, но и за иновативните решенија и најдобрите практики во областите на планирање, финансирање и имплементација.

– За надминување на потребата од финансии потребно е зајакнување на капацитетите за развој на проектна линија на ниво на регион, што ја зголемува можноста за привлекување на потенцијални финансиери и го олеснува финансирањето, оцени Нуредини.

Зазеленувањето на економијата се повеќе станува стратешки приоритет за владите ширум светот. Во обид да се промовира зелената економија во паневропскиот регион, Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ) во соработка со Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) и со други клучни актери како што се Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската агенција за животна средина, ја развија Паневропската Стратешка рамка за позеленување на економијата во која одржливата инфраструктура игра важна улога.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2022 15:15