Две вистини треба да се прифатат во двете земји – дека Втората светска војна е завршена пред повеќе од 70 години и дека Студената војна заврши пред повеќе од 30 години, а битката меѓу Северна Македонија и Бугарија не е ниту национална, ниту етничка, туку е битка меѓу оние сили што сакаат овие две држави да живеат во мир, пријателство, со заедничка европска иднина и оние што сакаат да профитираат од вечно замрзнат или затоплен конфликт, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на денешниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ.

Маричиќ зборуваше по излагањето на бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски кој се осврна на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

-Изгледа не сме ја извлекле лекцијата дека сите несреќи на Балканот во последните 30 години произлегоа од неприфаќањето на овие две вистини. Тоа е оптоварување од двете страни на границата. И битката не е ниту национална, ниту етничка меѓу Северна Македонија и Бугарија. Туку е битката меѓу оние сили што сакаат овие две држави да живеат во мир, пријателство и со заедничка европска иднина, како што сме денес сојузници во НАТО, и оние што сакаат да профитираат од вечно замрзнат или затоплен конфликт, зависно од потребата помеѓу нашите два народи, нашите две држави кои се соседни и многу блиски, и кои е природно да бидат блиски, реплицираше Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ, како што информира неговиот Кабинет, кажа дека добрососедските односи и продлабочувањето на регионалната соработка се високо на агендата на Владата на Северна Македонија, бидејќи тоа, како што напомена, е од заеднички интерес, и наш и на Бугарија. Останува, додаде, посветеноста на добра волја да се спроведуваат билатералните договори и дополнително да се зајакнуваат добрососедските односи со што помалку емоции, а со што повеќе факти и заеднички активности.

-Важно е напорите да се од двете страни на границата. Само така ќе имаме стабилно пријателство. Се друго ќе биде разбрано како уцена, како притисок и тоа може да раѓа фрустрација и такви изливи какви што видовме на стадионот во Скопје, посочи Маричиќ.

На обвинувањата од европратеникот Џамбаски за сепаратизам од страна на Северна Македонија, Маричиќ одговори дека ние сме држава членка на НАТО, докажан партнер, земја која нема на ниту еден начин посегнато по кој било сосед, туку напротив, дека добрососедските односи ни се постојана тема.

-Дури и нашите граѓани во еден дел сметаат дека единствена тема на европските интеграции се добрососедските односи и дека европските интеграции постојат за да им удоволиме нешто на сите соседи. Знаеме дека не е така, но таква е перцепцијата, рече Маричиќ во Европскиот Парламент пред европратениците и повика на соработка и на работа од двете страни на границата, потенцирајќи дека од наша страна веќе има подадена рака.

Во однос на соработката и поврзувањето со Бугарија, Маричиќ рече дека на Коридорот 8 долго време немало напредок, но она што е ново е што во последната година се направени големи напори за повторно да се активира проектот за железницата и дека почнува да се работи со конкретни рокови.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2022 07:30