Џим Гудвин, тренерот на шкотскиот фудбалски прволигаш Абердин во чиј редови настапува македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, е суспендиран на шест натпревари поради неговите коментари за дефанзивецот на Хибернијан, Рајан Портеус.

Хибернијан минатиот месец го совлада Абердин со 3-1, а клучен момент беше исклучувањето на гостинскиот одбранбен играч Лијам Скејлс и ударот од белата точка што го издејствува Портеус.

Тренерот на Абердин по натпреварот го нарече домашниот дефанзивец „измамник“.

-Секогаш е грижата кој ќе го чува Портеус бидејќи добро знаете каков е тој, доби толку многу слободни удари и пенал, бидејќи го измами судијата. Не знам колку пати Портеус може да се извлече со такви работи, изјави Гудвин поради што доби казна од Фудбалската федерација на Шкотска.

Абердин е петтопласиран на табелата во Шкотска со 13 бодови, осум помалку од лидерот Селтик.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2022 11:49