Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Љумир Абдиџику изјави дека неговата партија ќе се обрати на Уставниот суд поради одлуката на Владата на Албин Курти да не им ги исплатите платите на наставниците кои штрајкуваа минатиот месец, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница на Собранието, Абдиџику го повтори неодамнешното ветување дадено на наставниците дека тие секако ќе ги добијат платите за месец септември, порано или подоцна.

– Почитувани наставници, ви гарантирам дека вашите плати ќе ги добиете. Тие ќе се исплатат порано или подоцна, сфатете го ова како мое и ветување на ЛДК. Ќе го искористиме секој законски пат за да ја прекинеме неправдата што ја нанесува оваа власт. Ќе се обратиме на Уставниот суд и со тоа ќе ја урнеме оваа срамна одлука, порача Абдиџику.

Тој рече дека Владата на Курти ги казнува само наставниците, иако имаше и други вработени во јавниот сектор кои штрајкуваа со истите барања.

– Дваесет и пет илјади косовски семејства се оставени без нивните месечни приходи. Ова нивно казнување се случува во време без преседан со рекордна инфлација и на прагот на една тешка зима. Ова казнување е ново ниско ниво на бесчувствителност кон луѓето во оваа држава. Штрајкот се прекина и со тоа паднаа и фантазиите на власта за наводно уривање на владата. Ова е борбата на Курти денес, и против кого – против наставниците со плата од 400 евра, изјави Абдиџику.

Образовните работници во Косово, организирани од Обединетиот синдикат на образованието, науката и културата (СБАШК), штрајкуваа од 25 август до 3 октомври, со барање за надоместок од по 100 евра месечно до донесувањето на законот за плати. Нивното барање упорно го отфрла премиерот Курти, кој го обвинува СБАШК дека се манипулирани од опозицијата со цел да го урнат од власт.

Тужба за владата доколку не ги исплати платите на наставниот кадар претходно најави и Демократската партија на Косово, која е најголема парламентарна опозициска партија.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2022 14:34