Уставниот суд денеска испрати писма до Судскиот совет и Собранието на Република Македонија со кои ги известува за истекот на мандатот на уставната судијка Вангелина Маркудова на 7 декември 2022 година и дека исполнети се условите за започнување на постапка за утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд.

Во писмото до претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска и претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, укажува дека Уставниот суд и сега работи на граница на кворум поради неизбирањето на останатите четворица судии од страна на Собранието и опасноста државата да се најде во уставна криза како последица на тоа.

– Истовремено, без да навлегувам во надлежностите и начинот на работа на Судскиот совет, сакам да укажам на потребата од благовремено утврдување предлог за избор на нов судија. Во прилог на ова е и сегашната состојба во Судот којшто работи на граница на кворум поради неизбирањето на останатите четворица судии од страна на Собранието, на што се чека веќе 17 месеци. Следствено на ова, доколку со истекот на мандатот на судијата Маркудова, продолжи алармантната состојба во Уставниот суд, државата ќе се најде во уставна криза. Како последица на тоа, ќе нема услови за одржување на седници и Судот ќе биде оневозможен да врши контрола на законите и прописите и да ги штити правата и слободите на граѓаните, нагласува Кацарска во писмото, доставено и до медиумите.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2022 15:14