Хрватскиот панк-рок бенд „Хладно пиво“ в недела на 9 октомври ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

По овој концерт, од бендот најавуваат подолга концертна пауза.

Како што соопштија, фронтменот Миле Кекин во следните години ќе се посвети на соло-кариерата, додека останатите членови од групата, Младен Субошиќ – Суба, Зоран Субошиќ – Зоки, Милко Киш – Деда и Крешимир Шокец – Шоки, ќе продолжат заедно да работат преку проектот „Герила Меинстрим“.

Концертот на „Хладно Пиво“ е воедно дел и од низата настапи на актуелната турнеја насловена „35 за 35“, со која групата обележува три и пол децении постоење.

Нивниот последен концерт во Скопје беше пред пет години.

– По распродадените два настапи на „Дед Кен Денс“, потоа и неодамнешниот на Ману Чао, ова е четврти концерт во рамки на програмата на „Таксират 2022“, а според интересот на публиката се чини дека и овој ќе ја продолжи низата како целосно распродаден. Имено, за концертот на „Хладно пиво“ во Скопје останати се уште едвај 200 билети, достапни за купување онлајн или во продажните места на МкТикетс., се посочува во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2022 15:15