Европратеничката од Словенија, Ирена Јовева, преку видеообраќањето испрати порака со која го честита отворањето на преговорите на Македонија со Европската Унија и дава поддршка за евроинтегративниот процес на земјата.

– Важно е да останете цврсто на европскиот пат и македонските граѓани да знаат дека европската интеграција на земјата е реалност, која е остварлива со заедничка посветеност на процесот на преговори и работа на реформската агенда, вели Јовева во обраќањето.

Таа потсетува дека преговорите со Европската Унија се отворени и веќе имаме започнато нова фаза во евроинтеграциите, која бара силен ангажман и политичка волја за брзо и ефикасно спроведување на реформите.

Јовева вели дека Македонија има сојузници и многу пријатели во ЕУ и дека сите напори вредат оти европската перспектива на Македонија е реална и покрај тешките одлуки, поради кои на граѓаните им е тешко да поверуваат дека се оди напред.

– Македонија има стварно многу сојузници многу пријатели тука во ЕУ, а што е најбитно соработка помеѓу нас. За поделби национални па и партиски тука место нема. А дали за Македонија во ЕУ место има-Има, порача Јовева.

Таа вели дека сега не е време за бариери. -Сега е вистински момент да се искористи шансата и со полн капацитет да поставите добро темпо на водење на преговорите, за реализација на поставената цел-Македонија членка на ЕУ до 2030, кажа Јовева.

-Со наша поддршка, од вашите европски пријатели, ќе успеете да ги надминете предизвиците со кои ќе се соочите во текот на преговори. Бидете уверени дека вреди да се направи трансформацијата на општеството заради конкретните придобивки кои ќе ги имаат граѓаните, вели Јовева.

Европратеничката е дел од Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Македонија и ЕУ, кој во изминатите два дена заседаваше, а свое обраќање имаше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2022 15:27