По синоиќешното свечено гала отворање на втората сезона на Скопскиот моден фестивал денеска манифестацијата продолжува со колекциите на дизајнерките Мелани Дигит, Сара Реџиќ, модното ателје Краљевски и најновата линија од Роберт Ивановски.
Синоќа на отворањето на фестивалот на модата во трговскиот центар Скопје Сити Мол на синиот тепих публиката можеше да погледне три автентични ревии на Маја Кикириткова, Етник Шала и на младите таленти од Академија „Скала“.
Под називот „Ти можеш, ти си силна“, познатата дизајнерка Кикириткова, чиј потпис е на брендот „Eleazar“, на многубројната публика ѝ претстави уникатни креации скроени за самоуверени жени. Елегантната црна, златната и сивата боја обликуваа сериозен крој каков што ѝ доликува на една вистинска дама.
-Инспирацијата лежи во жената во својата најдлабока форма, жена која навидум изгледа како санта мраз, но со еден допир станува мека, нежна, вели дизајнерката за новата колекција.
Следуваше ревиското деби во земјата на косовскиот дизјанер Етник Шала, кој се претстави со авангардна ревија на својата најнова колекција „Гоблен“ – вивидно забележлив во деталите на фустаните.
-Секогаш се обидувам да создавам снетиментални креации врзани со моето детство и местото од каде потекнувам. Секое парче е всушност уметничко дело направено преку механички слики извезени во бројки и бои, истакнува Шала.
Крајот на првата вечер посветен на идната генерација македонски дизјанери, студентите на Академијата на моден дизајн при Школата за дизајн, уметност и технологија – „Скала” (поранешно „Џолев и уметностите”) кои на оригинален моден начин ги претствија своите креации на ревијата.
-Инспирирани од претходните декади, застапеното либерално движење со панкерска нота, петте студентки, Марија Трајковска, Ангела Спасовска, Луна Аврамовска, Милица Димитријевиќ и Ива Ивановска навестија експериментални трендови што не влегуваат во рамките на секојдневната мода. Истовремено, креациите блиски до студентите се блиски до помладите генерации, па во фокусот беа смели комбинации од каро здолниште и блузички од тантела и ракавици, се посочува за ревијата.
За шминката на моделите се погрижи креативниот тим на Make up Factory, предводен од визажистите Милена Косиќ, Сашка Мирчевска – Sashions, Васе Доковски и Андријана Сребренова, а за нивните фризури студиото Grace и производите на Revlon Professional. Автор на фотографиите е Антонио Станков.