Фолклорната традиција е ДНК на нацијата. Имаме многу талентирана, интелигентна и заинтересирана младина за сите области, било да е тоа за класичната музика, фолклорот или народните ора, вели во интервју за МИА директорот на Ансамблот за албански народни песни и ора во земјава Шкодран Тољај.

Ансамблот денеска во Домот на културата во Битола ќе одржи концерт по повод Денот на албанската азбука, а на 28 овој месец во Скопје концерт по повод Денот на албанското знаме.

– Ме радува фактот што за концертот што ќе го одржиме на 28 ноември за првпат на сцена ќе бидат 110 уметници. Тоа е показател за интересирањето на младите за фолклорот и народната музика, нагласува Шкодран во интервјуто што подолу е објавено во целост.

За освоените први награди годинава на меѓународни фестивали во Будимпешта, Унгарија и во Бујукчекмеџе во Турција, Тољај вели дека оствариле голем и вистински сон и оти испишале историја.

– Во Унгарија бевме претставени на фестивал со исклучително строги критериуми каде што триумфиравме, а следниот предизвик беше Бyjукчекмeџe – сон на секој играорец, музичар и ансамбл. Ниту еден од сестринските ансамбли, без разлика дали се од Косово или од Албанија, не успеаја да триумфираат. Нашиот ансамбл го прави посебен фактот што има момчиња и девојчиња полни со мотивација, непотрошени во уметнички аспект што промовираат речиси целосно недопрен простор, но многу богат од фолклорен аспект како што е Македонија. Кога на овие карактеристики ќе се додаде и дисциплината, непрестаната работа, самопожртвуваноста до самонегирање од раководителот до најмладиот уметник, триумфот е допирлив, вели Тољај, посочувајќи дека овој успех им припаѓа на сите вработени, соработници, љубители на уметноста, медиумите и сите кои го чувствуваат Ансамблот како дел од себе.

Во однос на условите во кои функционира Ансамблот, основан во 2018 година, а со работа почна во 2019 година, Тољај вели дека се преземени големи чекори како во однос на локацијата, така и во однос на консолидацијата на персоналот.

Тољај потенцира дека во наредниот период ќе продолжат со традиционалните концерти, но најавува и дека размислуваат и за нешто посебно, како што вели, важна турнеја за Ансамблот.

Ансамблот за албански народни песни и ора ќе одржи два концерта по повод Денот на албанската азбука и Денот на албанското знаме. Можете да ни откриете повеќе детали за овие концерти?

– Концертите на 22 и 28 ноември се годишни концерти на Националниот ансамбл на албански народни песни и ора и тие се веќе традиционални. Ноемвриските празници трета година по ред носат концерти во различни градови на Македонија. Имајќи предвид дека 22 и 28 ноември се централните датуми, и годинава се фокусиравме прославата да ја одржиме во Домот на културата во Битола на 22 ноември и во Националната опера и балет во Скопје на 28 ноември со почеток од 19 часот. Станува збор за концерти за кои персоналот на Албанскиот ансамбл се подготвува со месеци, а во рамки на овие концерти има и две многу посебни ора од богати етнографски и музички простори. Затоа, можам слободно да кажам дека за гледачите ќе биде претставено нешто спектакуларно. Ова го кажувам со целосно уверување имајќи ги предвид кореографиите што ги работеа Ѓерѓ Превази, познато име од Албанија и Артан Ибершими, исто така од Албанија. „Орото на Дервент“ ќе биде претставено на сосема уникатен начин по својата облека, движење, содржина, музички концепт, кореографија. „Дебарското оро“ исто така. Покрај ората, ќе бидат изведени и најубавите епски песни. Секако, во Битола ќе има посебни точки посветени на 22 ноември, додека во Скопје има и други музички точки кои соодветствуваат со 28 ноември. Специјален гостин ќе биде актерот од дијаспората Пајазит Муртиши, додека во Битола имаме привилегија да ја претставиме премиерата на уметникот Илир Шаќири, изработена исклучиво како песна и видео проект за оваа 114-годишнина од Битолскиот конгрес. Верувам дека на 22 ноември сите патишта ќе не водат кон Битола бидејќи тој град го заслужува нашето внимание. За животен придонес во областа на музиката ќе биде доделена плакета од институцијата, но името на добитникот не можам да го откријам од доверливи и програмски причини. Исто така, овие концерти ќе бидат директно пренесувани на Македонската телевизија-ТВМ2, како и на Албанската телевизија. Ја користам оваа прилика да ви се заблагодарам од срце за вашиот интерес за покривање на овие настани од особено значење за Албанците во Македонија и за нашата култура.

Годинава во јуни освоивте први награди на меѓународни фестивали во Будимпешта, Унгарија и во август во Бујукчекмеџе во Турција. Можете да ни кажете нешто повеќе за овие меѓународни настапи?

– Ансамблот триумфираше на фестивали од светско значење и во ранг за кој сонува секој ансамбл. Почнавме со Бугарија или Велико Трново каде ја освоивме првата награда. Потоа бевме претставени во Унгарија на фестивал со исклучително строги критериуми каде што триумфиравме, а следен предизвик беше Бyjукчекмeџe, сон на секој играорец, музичар и ансамбл. Во овој предизвик ниту еден од сестринските ансамбли, без разлика дали се од Косово или од Албанија, не успеаја да триумфираат. Нашиот ансамбл го прави посебен фактот што има момчиња и девојчиња полни со мотивација, непотрошени во уметнички аспект што промовираат речиси целосно недопрен простор, но многу богат од фолклорен аспект како што е Македонија. Кога на овие карактеристики ќе се додаде и дисциплината, непрестаната работа, самопожртвуваноста до самонегирање од раководителот до најмладиот уметник, тогаш триумфот е допирлив. Допревме голем и вистински сон, Албанскиот ансамбл испиша историја. Морам да кажам дека сум и среќен и горд што ја имам таа среќа да му се посветам како раководител. Овој успех секако им припаѓа на сите вработени, соработници, љубители на уметноста, медиумите и сите кои го чувствуваат Ансамблот како дел од себе.

Како Ансамбл сте релативно нов. Ансамблот е основан во 2018 година од страна на Владата, а почетоците ги имате во 2019 година. Под какви услови работи Ансамблот?

– Ансамблот се уште е во потрага да има постојан простор за уметничкиот кадар, иако во Домот на АРМ, каде се сместени уметниците од почетокот на функционирањето, од ден на ден создадовме солидни, прифатливи услови за функционирање. Администрацијата и директорските канцеларии се во зградата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, која е официјална адреса на институцијата, каде за среќа условите се доволно добри за работа и функционирање, така што за кратко време колку што функционира Ансамблот, преземени се големи чекори и во однос на локацијата и во однос на консолидацијата на персоналот. Поставени се вистински стандарди на работа и функционирање, како од административен така и од уметнички аспект. Затоа, и резултатите на Ансамблот се најдобар показател за неуморната работа и максималната посветеност во следењето и издигнувањето на нашите вредности.

Директоре, има ли интерес и желба меѓу младите за негување на културата, народните ора и песни?

– Сметам дека имаме многу талентирана, интелигентна и заинтересирана младина за сите области, било за класичната музика, но и за фолклорот и народните ора. Премногу ме радува фактот што за концертот што ќе го одржиме на 28 ноември за првпат на сцена ќе бидат 110 уметници. На Националниот Ансамбл му се приклучија одлични млади девојки и момчиња од културните друштва „Дуфла“, „Каршијака“, „Шќипоњат“, „Иљирида“, „Дрита е Дервенит“. Едно соединување која ве емоционира кога гледате млади момчиња и девојки како ги играат ората подготвени од Државниот ансамбл. Тоа е показател за интересирањето на младите за фолклорот и народната музика. Ние, Албанците во сите периоди и во најтешките времиња на заробеништво сме успеале да опстанеме и да си го зачуваме јазикот, традицијата, народната носија, орото и песната. Ова зборува за една извонредна врска и љубов на нашиот народ за радционалното и нашето наследство.

Дали имаме доволно публика која ги препознава вредностите на уметниците во оваа сфера?

– Публиката постои и тоа го забележуваме со коментарите, поддршката, како и со желбата што почесто да го гледат Албанскиот ансамбл на сцена. Уште поточен е фактот што денеска има една фаза на транзиција и голема трансформација на нашата музика, кога на нашиот музички пазар може да се влезе, но кога станува збор за народното оро и песните и фолклорот генерално е област што има голема и верна публика. Фолклорната традиција е ДНК на нацијата.

Колку пандемијата со Ковид-19 ги смени вашите планови на професионално поле? Што се случи со вашите настапи што беа планирани за минатата година?

– Периодот со Ковид-19 беше со многу предизвици за сите, со многу дилеми, страв. Ние бевме првата институција што ја имаме почнато работата онлајн и функционираме непречено и во најтешките денови, почитувајќи ги строго мерките. Неколку месеци работевме онлајн од дома и реализиравме десеттина сензибилизирачки видеа за жртвите од Ковид-19, но и други програми што подоцна ги реализиравме со концерт по враќањето во нормала. Ми текнува дека целата програма онлајн ја работевме за композиторот Муса Пиперку. Нашата нова институција, без багаж и архива богата со репертоар, го немаше луксузот за да го прекине тотално функционирањето, затоа со гордост велам дека во најтешката 2020 година Албанскиот ансамбл успеа да реализира 100 отсто од годишната уметничка програма.

Кои се вашите следни планови и настапи?

– За наредниот период имаме многу планови. По патувањата во Шпанија, Дубаи, Турција, Унгарија, Бугарија, размислуваме да реализираме нешто посебно – важна турнеја за Ансамблот. Секако дека ќе продолжат да се одржуваат традиционалните концерти. Во најблизок план е промоцијата на три монографии, односно на „Трио Зајази“, Лоренц Антони и Гани Груби. Направена е исклучително добра работа во однос на архивирањето на нашите уметници кои оставиле свој белег и во овој правец ќе продолжиме и понатаму.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2022 09:02