Германскиот претставник во европската ЕХФ ракометна лига Фуксе Берлин вечерва во Битола убедливо го совлада македонскиот репрезент во европскиот ракомет Еурофарм Пелистер со 34:43.
Поразот на битолчани беше јасно видлив и неизбежен уште во првото полувреме кое заврши со 14:22, односно со осум голови предност, а на почетокот од второто полувреме, лидерот во германското првенство предноста ја зголеми на 11 голови разлика, односно 18:29 во корист на гостите.
Ако конечниот резултат од вечерашниот натпревар во Битола, за публиката не беше големо изненадување, тогаш пријатно изненадување беше бројот на вкупно постигнати голови – 77, и тоа одамна не се случило на еден меѓународен ракометен натпревар во спортската сала „Боро Чурлевски“.
Најзаслужни за успехот на Фуксе Берлин беа црногорскиот интернационалец Вујовиќ кој постигна 9 и данскиот интернационалец Холм кој постигна 7 голови, додека во тимот на Еурофарм Пелистер се истакна македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски кој постигна 8 голови.
Објективната битолска публика со аплауз го поздрави успехот на германскиот вицешампион Фуксе Берлин.