Моника Зајкова во неделата стана претседателка на Либерлано-демократската партија, а истовремено таа е пратеник и дел од владејачкото мнозинство во Парламентот. Има 31 година и нејзина визија е, како што вели, што поскоро земјата да стане дел од Европската Унија, да имаме развиена држава со заздравена економија и, пред се, да имаме поефикасен правосуден систем кој е темелот за се – и за економски развој и младите да останат тука и за довербата во системот.

-За мене најважно е да останеме отворени за сите прогресивни струи во државата и да ја движиме државата напред кон европскиот пат и навистина да ја реформираме. Не можеме да седиме пред вратите на ЕУ и да не си водиме сметка и внатре за државата, изјави во интервју за МИА Зајкова.

Либерално-демократската партија, вели таа, има свои континуитет и стаж на политичката сцена и досега била промотор на многу програми и политики кои им ги понудила на граѓаните.

-Дел од нив се имплементирани, дел, за жал, се уште не се имплементирани и по дваесетина години. Она што може да се очекува е нова платформа која ќе биде поблиска до секој човек. По новогодишните празници ќе следи и тематски конгрес на партијата каде што ќе ја презентираме таа платформа, вели Зајкова во интервјуто за МИА.

Добро е, истакнува таа, што повторното активирање на Ристо Пенов даде една слика дека ЛДП има свој контиунуитет, дека е силна, дека е обединета и дека единствена мисија и се граѓанските и државните интереси.

-Спојот на политичко искуство и младост и енергија треба да даде некаков покрупен резултат, вели Зајкова.

Зборувајќи за актуелниот политички момент новата претседателка на партијата го повтори ставот дека ЛДП не смета дека е време за предвремени избори, како и дека не е поддржувач на техничка влада која е креирана на лидерски средби.

-Не мислам дека треба да има предвремени избори, затоа што кај нас се случува лошите пракси да стануваат правило, а лоша пракса е вие да одите постојано од избори во избори затоа што тоа предизикува и нестабилност во земјата, вели Зајкова.

Не добиле детални информации за разговорите на премиерот Димитар Ковачевски со Алијансата за Албанците за влез во Владата и за тоа кои места ќе треба ЛДП да ги отстапи за сметка на евентуалниот нов коалициски партнер, додека за уставните измени, вели дека „веројатно кога ќе дојде до прашањето да се отвори Уставот ќе бидеме сите заеднички повикани“.

Коментирајќи го негативниот Извештај на ЕК за Собранието, Зајкова рече дека „политичкото его предизвикува да се сведе на такви негативни конотации“. Според неа, дијалогот може да се подобри, а комуникацијата треба да е двострана.

-Ги разбирам и колегите од опозицијата кога се бунат и често апелирам во креирање на тие законски решенија да бидат поинклузивни тие работни групи и да бидат вклучени пратениците за да не дојдеме до тоа да гледаме блокада после во комисиите. На тој начин на навремена транспаретност, информираност, учество во креирањето на законите и политиките не може да вроди со политички дијалог тогаш веќе не е до никој, туку до нас колку ни работи свеста. Нормално е дека ќе имаме и спротиставени ставови бидејќи идеолошки имаме спротиставена разлика во политиките, рече Зајкова во интервјуто за МИА.

Во продолжение следува целото интервју со претседателката на ЛДП, Моника Зајкова со видео материјал.

Имавте ли план да станете претседателка на политичка партија?

Пред се да ви посакам добредојде. Мене ми е особена чест што снимаме во седиштето на партијата. Чуството на среќа е неминовно кога ќе исполните одредена цел во животот. Јас во младите денови бев еден од поголемите поборници дека квалитетните луѓе не треба да бидат дел од политиката и работев на Универзитет како астистент потоа во адвокатско друштво, но како минуваа годините бидејќи сум од дете растена со либералната идеологија и со демократскиот дух сватив дека не можете да бидете надвор од процесите и да очекувате дека нешто ќе се промени. Станав поактивен член иако членувам од своите 18 години во партијата, активно се вклучив и од 2013 година сум член на Централниорт одбор во подмладокот на ЛДП, а потоа работите како се движеа некако спонтано доаѓаше и напредокот во функциите. Станав меѓународен секретар на младите, претседателка на младината, дојде понудата за потпретседател на партијата и веќе кога растете во одреден круг и во одредено тело веќе го чуствувате и како свој дом и чуствувате дека треба да дадете придонес. Голема е и одговорноста да се води ЛДП затоа што чуствувам должност кон партијата, затоа што препозна во мене квалитет и инвестирала во мене од моите млади денови и ми дала шанса и сега на некој начин да возвратам, не само за партијата но и за државата и за граѓаните да направиме поубава приказна, затоа што живееме во едно така поларизирано општество. ЛДП долго време опстојува на политичката сцена ама вметнувањето на некоја нова енергија, спојот на искуство, младост, мислам дека може да придонесе повеќе за развојот на либералните политики и граѓаните да препознаат одредена опција која најмногу го допира човекот, бидејќи ние сме најблиску до индивидуата и ги поддржуваме индивидуалните човекови слободи и права.

Вие сте пратеничка, претседателка на политичка партија, Вие сте млада жена. Што значи да се биде жена политичар во Македонија, условно кажано во еден машки свет?

За жал, се уште живееме во општество на стереотипи и како што го нарекуваат машки свет. Познавам многу квалитетни жени во Македонија. Во политиката е предизвик да се биде жена. Се уште сме на поголем удар од јавноста, се уште за жените се приказните дека не се цени квалитетот дека мора да стои некој позади неа чим таа напредува, што не го слушаме за мажите, се уште жените се на тапет и на осуда за физичкиот изглед, никој не го гледа квалитетот на жената, што таа говори, туку повеќе како изгледа, како се однесува. Мислам дека веќе треба да ги рушиме тие стереотипи и доста е со предвање на некои лажни вредности. Мене ужасно ме нервира и моментот, и тука ќе искористам приликата да напоменам „жена, мајка, кралица“. Што со оние жени што не можат од други причини да се реализираат како мајки? Тие се помалку вредни? Некако тие стереотипи кога сте во политичкиот свет многу повеќе доминираат особено кога сте жена и вие треба тродупло повеќе да работите од вашите колеги за луѓето да препознаат дека навистина вредите и дека оставате дела зад себе. Кај колегите од машкиот пол е се некако опростиво, а жените немаат шанса да направат некаков кикс и од нив се очекуваат конкретни резултати.

Решивте кариерата да ја градите во Македонија. Што беше пресудно да останете тука?

Многу често ми го поставуваат ова прашање. Имав и јас прилика после студиите да заминам но мислам дека ако навистина си ја сакате државата и сакате нешто да менувате треба да останете внатре и да се борите да дојде до промени. Ако сите си заминеме, кој ќе се бори да го подобрува и квалитетот на живот и стандардот во оваа земја. Мојот брат е надвор. Тој е професионален фудбалер и често со него разговарам да видам како размислува дали ќе се врасти или не. И сваќам дека Македонија се уште не нуди можности за луѓето да останат тука. И токму затоа ми е уште поголем мотивот да се борам да создадеме можности за секој еден човек да може да дојде и тука да твори, а во говорот на партискиот конгрес напоменав да привлечеме и млади луѓе кои не се македонски државјани, но ќе препознаат тука можности тука ќе дојдат да студираат како што нашите државјани одат да студираат во Европа, тука ќе работат, тука ќе го инвестираат својот капитал. Ние сме земја која што е мала земја меѓутоа има голем потенцијал да расте и да создава можности и да привлекува.

Како ќе се развива ЛДП во иднина?

Либерално-демократската партија си има свои континуитет и стаж на политичката сцена, досега била промотор на многу програми и политики кои ги понудила на граѓаните, дел од нив се имплементирани, дел, за жал, се уште не се имплементирани и по дваесетина години. Она што може да се очекува е нова платформа која ќе биде поблиска до секој човек. По новогодишните празници ќе следи и тематски конгрес на партијата каде што ќе ја презентираме таа платформа. Идејата е да не биде тоа некоја огромна програма полна со популистички мерки, но да бидат либерални иницијативи кои го допираат секојдневието на човекот затоа што сметам дека на луѓето им требаат конкретни работи. Ајде да почнеме со мали чекори за менување на генералната слика во општеството. Го формиравме и Советот. Тоа е тело кое што и Статутот го дозволуваше и досега меѓутоа досега функционираат одредени комисии. Сега постои Совет во кој членуваат истакнати правници, професори, доктори, дел од нив се членови на ЛДП, дел се луѓе кои се во граѓанскиот сектор, но сметаме дека ни требаат и такви за да слушнеме и објективно критичко размислување, надвор од нашиот политички балон и заедно со сите нив партнерски да ги градиме политиките. Ако секој даде свој придонес во областа од каде што доаѓа може да креираме политики, кои ќе значат крупна реформа за државата. А акцент ќе биде ставен на правосудниот систем, во образованието, во ЛДП има простор за сите, освен за оние луѓе кои решиле да ја злоупотребата својата службена положба и овластување и да се богатат на товар на државата или на граѓаните, а исто така ќе бараме и ќе инсистираме секоја одговорност да има свое име и презиме. Доста е од колективни одговорности. Навистина треба конкретно да се посочи индивидуалната одговорност, кој е извршител на одредено нешто затоа што за мене не може вие да ги врзувате луѓето бил преку овој или преку оној. Треба конкретно да се знае кој е виновен тој да одговара, без оглед дали е во блиско сродство со некого, не е, пријател…

Кои се вашите најблиски соработници во ЛДП?

Јас сум долго во ЛДП. Јас сум била во тимот на претходниот претседател Горан Милевски. Се уште не ни е составен тимот на луѓе, кои ќе бидат носители на функциите во Извршниот одбор на партијата, не сме структурирани со претседатели. Ќе оставам тоа да биде дополнително објавено и да биде новина во јавноста.

Враќањето на Ристо Пенов на политилката сцена во Македонија верувам дека не е случајно. Има промени во врвот на вашата партија, Ристо Пенов кој што беше истакнат член на партијата повторно доаѓа на политичката сцена. очекуваме можеби не нова слика но веројатно некаква надградена веројатно подбра слика за ЛДП. Што во таа смисла можеме да очекуваме во иднина? Ќе има ли враќање на други истакнати членови на партијата или ставање на одредени позиции кои би можеле да помогнат за зајакнување на улогата на политичката партија во политилкото милје во земјата?

Добро е што повторното активирање на Ристо Пенов даде една слика дека ЛДП има свој контиунуитет, дека е силна, дека е обединета и дека единствена мисија и се граѓанските и државните интереси. Затоа и во претходното прашање напоменав дека тој спој на политичко искуство и младост и енергија треба да даде некаков покрупен резултат. Јас за функции не би разговарала затоа што функции како функции доаѓаат и си одат, но повеќе акцентот ЛДП ќе го стави на проблемската политика и тоа што може да направи за општеството и какви промени може да предизвика и можам само да најавам дека ќе бидеме многу поактивни и многу поприсутни меѓу граѓаните и преку поотворен и потранспарентен пристап ќе ги поромовираме и градиме политиките со нив и ќе очекуваме тие политики да бидат имплементирани.

Познат е вашиот став за предвремените парламентарни избори. Би поддржале ли вие преодна или техничка влада доколку дојде еве сепак до предвремени избори?

Не сум голем поддржувач на техничка влада. Таа е креирана на лидерски средби а не сметам дека лидерските средби треба да креираат политика затоа постојат институции, постои Собрание, постои судска власт, постои извршна власт којшто треба да бидат носители на политиките, а не тоа да го прават лидерите. Меѓутоа не гледам дека нешто ќе се промени. Неминовно е, според досегашниот систем и пракса, да има и техничка влада, така што не е прашањето дали ќе поддржи ЛДП или нема да поддржи туку она како е наметната пракса и како е по закон. Не мислам дека треба да има предвремени избори, затоа што кај нас се случува лошите пракси да стануваат правило, а лоша пракса е вие да одите постојано од избори во избори затоа што тоа предизикува и нестабилност во земјата. Замислете сега вие да сте некој кој сака да инвестира, би инвестирале во земја во која што постојано законите и политиките се менуваат на секои две години? Јас не би.

Имате ли информации до каде се разговорите на премиерот Ковачевски со Алијансата на Албанците и дали воопшто ве контактираа во однос на позициите кои што треба да ги отстапите како ЛДП за сметка на новата евентуална владина коалиција?

Не сме добиле детални информации. Се она е што слушаме од медиумите. Јас сум и новоизбран претседател. Можеби претходниот претседател бил информиран. Нормално, ние сме долгогодишен коалиционен партнер и се надевам дека кога ќе имаат конкретни детали и разговори од тие средби дека ќе не повикаат на разговори и дека ќе ни ги соопштат тие детали. За мене најважно е да останеме отворени за сите прогресивни струи во државата и да ја движиме државата напред кон европскиот пат и навистина да ја реформираме. Не можеме да седиме ние пред вратите на ЕУ и да не си водиме сметка и внатре за државата. Поважно ми е да влезат луѓе кои што креираат политики кои значат добробит за државата и за граѓаните, а не е важно од која политичка провиниенција доаѓаат, од која етничка припадност, верска припадност. Тоа е сосема ирелевантно.

Во однос на уставните измени, дали евентуалниот влез на АА во Владата би значело можност за почнување на постапката за промена на Уставот, имајќи предвид дека се бара одредена стабилност во однос на бројот на пратеници кои ќе поддржат уставни измени во Парламентот?

Веројатно кога ќе дојде до прашањето да се отвори Уставот ќе бидеме сите заеднички повикани. Ние имавме сите една заедничка лидерска средба на која што се отвори прашањето дали може или не може да се менува. За мене е поважно она дека сите политички партии имаме одговорност кон државата. Впрочем затоа и постоиме. Одговорност кон државата и одговорност пред граѓаните. И во ова може само да апелирам да си ги оставиме теснопартиските интереси и популизмот и да работиме да донесеме мудри и сериозни одлуки кои ќе значат отстранување на пречките на евроинтегративниот пат. Тоа е она што можам да го кажам, а да прејудицирам кога би се случувале тие уставни измени не можам затоа што се зависи од политичкиот момент.

Како пратеник како ја оценувате работата на актуелниот парламентарен состав и што сметате дека треба да се промени за да се подобри политичкиот дијалог?

Работата на актуелниот парламентарен состав… Мене ми се сите таму колеги и секој од нас влегол таму да направи нешто и да креира некаква политика. За жал партиите си го прават своето и со својата политика влијаат врз луѓето кои се нивни избраници и голем дел од колегите можеби не се согласуваат со политиките кои таму ги пакуваат и темпото со кое што работат, меѓутоа тоа е неминовно бидејќи иако нас граѓаните не избрале не можат да се лажеме дека се уште доминираат партиските ставови. Најмногу сум задоволна од Клубот за младински прашања и политики, бидејќи таму членуваме млади луѓе од сите политички партии и таму се гледа дека работата движи и дека се случува нешто и дека колку и да ни се различни ставоите сепак, интересот е ист да се обезбеди подобар младински стандард. Она што се случува во комисиите е жално, не може да се чека со месеци да бидат блокирани закони бидејќи на граѓаните не им е дојдено до долги дебати, ниту да не слушаат нас постојано како раскажуваме што било или да се напаѓаме меѓу себе. Тие сакаат конкретни резултати и конкретни мерки. Мора Собранието да работи поструктурирано и мора да работи во интерес на граѓаните и тие блокади треба да се отстранат. Тоа треба да продуцира квалитетни законски решенија што понатаму низ имплементацијата ќе обезбедат конкретни мерки и работи до граѓаните. И во европскиот Извештај беше негативно оценета работата на Собранието и ние не може сега да кажеме дека нешто е добро, ако сите гледаме дека не оди на добро. Политичкото его предизвикува да се сведе на такви негативни конотации. Може да се подобри дијалогот. Комуникацијата треба да е двострана. Ги разбирам и колегите од опозицијата кога се бунат и често апелирам во креирање на тие законски решенија да бидат поинклузивни тие работни групи и да бидат вклучени пратениците за да не дојдеме до тоа да гледаме блокада после во комисиите. На тој начин на навремена транспаретност, информираност, учество во креирањето на законите и политиките не може да вроди со политички дијалог тогаш веќе не е до никој туку до нас колку ни работи свеста. Нормално е дека ќе имаме и спротиставени ставови бидејќи идеолошки имаме спротиставена разлика во политиките. Еве ќе тргнам од нас како коалиционен партнер ние сме поборници за рамен данок а нашиот коалиционен партнер е за прогресивен. Но не знали тоа дека треба да ги блокираме процесите. Треба да процениме што е најдобро во моментот за државата, за економијата, за граѓаните. Настрана од политичката идеологија.

Како ја гледате Македонија после пет години?

Имам огромна желба Македонија после пет години да биде полноправна членка на Унијата и да биде многу попрогресивно општество и поотворено општество, а не општество на луѓе кои се нетолерантни, на дискриминација, на хомофобија, на неправда. Ја гледам како развиена држава со заздравена економија и пред се да имаме поефикасен правосуден систем кој е темелот за се и за економски развој и за младите да останат тука и за довербата во системот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2022 09:36