Холандската влада планира да изгради две нуклеарни централи во провинцијата Зелант на југозападот од земјата, чија изградба треба да заврши во следните десет години, изјавија владини извори за РТЛ и НОС.

Нуклеарните централи се планира да се градат во селото Борсел, каде веќе има една нуклеарна централа, соопшти страницата „Дач Њуз“.

Изворите наведуваат дека селото Борсел е подготвено за две нови нуклеарни централи, бидејќи таму веќе постои инфраструктура потребна за изградба на такви објекти.

Централата во Борсел веќе произведува околу три отсто од целокупната електрична енергија во Холандија.

Таа требаше да биде затворена во 2033 година, но ќе остане во функција се додека не се изградат новите две електрани.

Официјалното соопштение за изградбата на централите е планирано за петок.

Владата се надева дека нуклеарните централи би можеле да произведат околу 20 отсто од енергијата потребна на Холандија, но и да ја намалат зависноста од фосилни горива.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2022 05:15