Селекторот на фудбалската репрезентација на Бразил, Тите, ќе направи измени во екипата за натпреварот против Камерун во последното коло од Групата Г на Светското првенство во Катар.
Бразил со победите над Швајцарија и Србија веќе обезбеди пласман во осминафиналето и Тите сака да го искористи дуелот против Камерун да им даде шанса на седуммината резервисти кои досега не настапија на Мундијалот.
„Тите по натпреварот со Швајцарија ни рече дека планира да направи измени во составот. Рече дека сака сите да играат и ние сме задоволни со таа одлука“, изјави бразилскиот репрезентативец Фабињо.
Тите планира да им даде шанса од првата минута против Камерун на голманот Едерсон, на ветеранот во одбраната Дани Алвеш, на Фабињо во средниот ред, а во нападот да играат Антони и Габриел Мартинели.