Главните политички прашања за партијата пред важните национални избори во 2023 година и европските избори во 2024 година, според Европската народна партија (ЕПП), ќе бидат во фокусот на приватниот дводневен состанок во Атина на 20 шефови на држави и влади, опозициски лидери, како и лидери на институциите на ЕУ од ЕПП, јави дописничката на МИА од Атина.

Затворениот состанок на ЕПП е закажан за денеска и утре во приморско предградие во јужниот дел на Атина.

– Состанокот, со кој ќе претседава претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, ќе им даде можност на учесниците да се осврнат на главните политички прашања за партијата пред важните национални избори во 2023 година и европските избори во 2024 година. Дополнително, учесниците ќе можат, во приватен амбиент, да се осврнат на иднината на европското економско управување, одбраната и безбедноста, како и други политички и институционални прашања, соопштија од Европската народна партија.

Присутен ќе биде и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а според грчката новинска агенција АНА-МПА, на состанокот што е по иницијатива на претседателот на ЕПП, Манфред Вебер и на генералниот секретар на партијата Танасис Баколас, меѓу другите, ќе учествуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, поранешниот претседател на Европскиот совет и на ЕПП Доналд Туск, претседателите на Романија и Кипар, премиерите на Хрватска и Словачка, како и австрискиот канцелар и италијанскиот министер за надворешни работи.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 15:55