Градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков потврди за МИА дека ја разрешил директорката на ООУ „Даме Груев“ Таца Дукова, каде што ученик подолго време бил жртва на врсничко насилство.

Врсничкото насилство, како што изјави Нацков, се случило во два наврати во текот на ноември врз деветтооделенец од ова училиште, од страна на двајца негови соученици, во училишната соблекувална за физичко образование и спорт, кога ја искинале неговата долна облека и му нанеле гребаници.

Ученикот, кој е и првенец во генерацијата, од истите соученици и претходно бил изложуван на малтретирање преку уништување на неговиот училишен прибор што му бил фрлан низ прозорецот, а бил удиран и по главата.

По пријава од неговиот родител до СВР Велес, тие до Основното Јавно Обвинителство во Велес испратиле известување со поплака од родителот И.Т за вознемирување и закани на наговиот син од негови соученици во ООУ„Даме Груев“ во Градско.

Обвинителката Гордана Тодорова информира за МИА дека ОЈО Велес оформи предмет, додавајќи дека во тек е предистражна постапка за прибавување на докази со пријавениот кривично-правен настан.

Завчера некои од локалните медиуми известија за превземените мерки од директорката на училиштето Таца Дукова и училишниот психолог и Наставничкиот совет. Воедно завчера на разговор во домот на детето бил тим од Центарот за социјални работи од Велес.

Директорката Дукова ги информирала дека за врсничкото насилство што се случило на 11 ноември, таа била информирана три дена подоцна, од страна на родителот на ученикот, по што училишниот психолог ги повикал на разговор учениците кои извршиле насилство и нивните родители.

Во папката со евидентирани документи од директорката Дукова биле сите записници и документи од преземените активности за опсервација на ситуацијата, како и два записни од двата состаноци на Наставничкиот совет на училиштето одржани на 18 и 25 ноември.

Наставничкиот Совет според психологот, на првиот состанок дал предлог, а на вториот донел и одлука за изрекување педагошки мерки за намалување на поведението на двајцата ученици и преместување во друга паралелка.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 16:35