Зајакнување на соработката во повеќе области меѓу кои и туризмот, културата, заштитата на животната средина, справување со предизвиците на климатската криза, како и во размената на искуства во дигитализацијата на услугите, според општина Атина, содржи меморандумот за збратимување меѓу Атина и Њујорк, што вчера го потпишаа градоначалниците на двата градови Костас Бакојанис и Ерик Адамс, јави дописничката на МИА од Атина.

Адамс истакна дека „корените на пријателството меѓу Њујорк и Атина се заедничките вредности и историјата“, со збратимувањето создаваат длабоки врски, а договорот ќе помогне во споделување на практики за справување со предизвиците,

-Ќе работиме заедно за да го развиеме туризмот меѓу нашите градови, да се справиме со климатските промени, да се посветиме на културната соработка и многу повеќе. Атина не учи дека секогаш мора да сонуваме и да работиме за подобро утре, рече градоначалникот на Њујорк.

Бакојанис посочи дека „збратимување е компас за заедничкиот пат кон одржливоста и издржливоста на градовите“ и ја проширува соработката.

Градоначалникот на Њујорк присуствуваше на Самитот на градоначалниците против антисемитизмот во Атина, а заедно со Бакојанис се сретнаа со грчката претседателка и со претседателот на Парламентот, го посетија Акропол, а синоќа присуствуваа на осветлувањето на новогодишната елка на плоштадот Синтагма.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 16:57