Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати на настан по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на кој беше промовирана Нацрт-стратегијата за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година, изработена од Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост и Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

-Драго ми е што денешното обележување го посветуваме на промоција на визијата и приоритетите на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост од идната 2023 до 2030 година. Кога инвестираме во стратегии и политики на повеќе нивоа ја докажуваме нашата борба против стигмата, против дискриминацијата и сме потсетник и инспирација за секој поединец дека лицата со попреченост ги имаат сите права како секој граѓанин и секое дете, како секој млад човек на оваа држава. Оваа Влада уште од самиот почеток се залага на преземање конкретни мерки, како би се зголемила и подобрила интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на општеството-политички, социјален, економски, културен живот, рече во обраќењето премиерот Ковачевски.

Тој упати повик до сите министри во Владата, активно да се вклучат во понатамошната разработка на Стратегијата, односно во креирањето на акцискиот план. Воедно, повикувам активностите кои ќе произлезат оттаму, да бидат ставени високо на агендата со што ќе се осигура нивна динамична имплементација.

-Ако имате само стратегија без нејзина имплементација, тогаш тоа нема да даде резултати. Јас прво како човек, а потоа и како прв човек на Владата се залагам за еднаквост и недискриминација, за образование, пристап до социјални и здравствени услуги, за вработување, самостојно живеење, пристап до правда, политичко учество. И од овие принципи не отстапувам. Затоа за идната година, се договорив со МОН во 100 училишта во државата да бидат изградени пристапни рампи за лица со попреченост. Криза е криза, меѓутоа такви финансиски средства, МОН сметам дека може да најде и тоа да се направи, рече премиерот.

Според него, лицата со попреченост, мора да бидат вклучени во одлуките што влијаат врз нив. Препораките на ОН јасно повикуваат на конструктивен дијалог со репрезентативните организации. Затоа, нагласи Ковачевски, како Влада досега повеќе пати сме покажале дека здруженијата на граѓани, невладиниот сектор се наши партнери во креирањето политики, стратегии и во носењето одлуки.

-Изминативе неколку години се навистина полни предизвици. Пандемијата, економската и енергетската криза, сето тоа придонесе комплетно да ни се измени животот и функционирањето. Сите ние, без разлика кои сме и што сме и од каде доаѓаме, сите ние ги почувствувавме последиците. Но лицата со попреченост и нивните семејства беа особено погодени. Затоа посебно се залагав тие да не бидат изоставени од антикризните мерки. Затоа и во пакетот антикризни мерки дадовме финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани каде лицата кои го користат правото за попреченост, понатаму родителите на децата со попреченост до 26 години, но и лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице добиваат финансиска поддршка од по 3.000 денари, рече Ковачевски, додавајќи дека никој од оние кои се најранливи нема да биде оставен сам во оваа криза.

-Направивме и законски измени за децата со инвалидитет, како и за нивните семејства. За мене како човек секое дете има право да ги ужива сите услови на добар и квалитетен живот. Затоа и ја зголемивме висината на посебниот додаток, за децата со попреченост до 26 годишна возраст. Ја проширивме и категоријата за користење на услугата лична асистенција и за лицата со комбинирана попреченост. Министерството за труд и социјална политика во рок само од 4 месеци годинава, отвори три мали групни домови за поддржано живеење на лица со попреченост, потсети премиерот.

Тој се осврна и на предучилишното образование и притоа истакна дека тоа е иссклучително важно за раниот детски развој и овозможува полесна интеграција во општеството за сите деца, а особено за децата кои живеат со попреченост. -Со таа цел МТСП издаде осум решенија за нови градинки, еден дневен центар, а во тек е изградба на 12 градинки и еден дневен центар. Вклучувањето во образовниот процес и обезбедувањето еднакви услови за сите деца е еден од нашите приоритети како Влада и затоа за учебната 2022-2023 година обезбедивме средства за вработување на 725 образовни асистенти во наставата кои се поддршка на наставниците и учениците со попреченост.

Дополнително направивме и законски измени со кои возрасната граница за користење на услугата на личната асистенција ја намаливме од 18 години на 6 години, со што сакаме да го поддржиме вклучувањето на децата во редовниот образовен систем и во општеството во целина, истакна премиерот Ковачевски.

Тој потсети дека Владата донесе Уредба за правото на лицата со попреченост да бидат ослободени од партиципација за студирање и со оваа мерка, како што истакна, се очекува зголемување на бројот на студенти на високо-образовните институции.

-Би сакал да ја споменам и првата софтверска апликација-аудио читач на македонски и албански јазик, што беше промовирана пред една година, со која бесплатно им се овозможува на лицата со оштетен вид непречено да користат компјутери, интернет, мобилни телефони и други современи уреди. Сето ова кое е направено е само мотивација да продолжиме понатаму со уште побрзо темпо, нагласи Ковачевски.

Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за здравство, а со поддршка на УНИЦЕФ, ја иницираа и ја имплементираат реформата за функционална проценка на деца и млади со попреченост, наспроти досегашните медицински категоризации. Со оваа реформа, децата и младите со попреченост на едно место ќе ги добијат информациите за правата кои им следуваат и ќе добијат препораки за истите.

-Апсолутно се стремиме кон општество кое ги почитува сите свои граѓани, кое прави напори да одговори на потребите, и да ги вклучи во сите текови на општественото живеење. Затоа и еден од нашите приоритети е да обезбедиме еднакви можности и инклузија на лицата со попреченост во нашето општество. Ќе повторам пак, јас често кажувам дека никој нема да биде оставен сам, и тоа навистина го мислам и така и работам. Ова не е време на изобилие во оваа криза, ова е време на солидарност кога треба да им се помага на тие на кои најмногу им треба помош. Оваа држава треба да е дом за сите, треба да обезбеди услови за сите. Лицата со попреченост се наши сограѓани и имаат право на еднакви можности за развој, имаат право да бидат вклучени во сите процеси, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот на настанот говореше и за, како што истакна една од најактуелните политички теми, – потребата од носењето на уставни измени во Парламентот со цел продолжување на европскиот пат на државата. Притоа истакна дека доколку некои од партиите останат на своите барања во однос на уставните измени да бидат вклучени и други прашања освен промената на преамбулата, тогаш ќе излезам со став во којшто согласно со компаративни анализи на други устави, ќе предложам во нашиот устав да бидат вклучени и одредби кои се однесуваат исклучиво на лицата со попреченост. На настанот, покрај премиерот Ковачевски се обратија и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Беким Сали, министер за здравство, Росана Дуџак, координатор на ОН во Северна Македонија, Давид Оберхубер, директор на ГИЗ, Спасе Додевски, претседавач со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост и Чедомир Трајковски, претседател на НСИОМ. –Ги остваруваме нашите заложби за едно општество за сите, за еднакви права и можности за сите наши граѓани и повторно ја зацврстуваме вредноста на инклузија како наша највисока цел. Со развојот на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост делуваме и докажуваме дека различностите не се нешто од што треба да се плашиме, напротив, тоа е нешто што треба да го научиме и да живееме со тоа. Различностите го зајакнуваат нашето демократско општество и треба да обезбедиме еднакви услови и еднакви шанси за сите граѓани без исклучок, рече Тренчевска.

Таа истакна дека идејата за инклузија за Владата и Министерството за труд и социјална политика е возможна и успешна цел. Министерката посочи дека развојот на човечкиот капитал е клучен патоказ за обезбедување на социјалната сигурност, борба против сиромаштијата, заштита на децата и развој и унапредување на социјалните услуги.

–Водени од премисата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост „Ништо за нас, без нас”, национална стратегија се развива согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост, изјави Тренчевска.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 17:32