Неколку украински амбасади, вклучително и Амбасадата во Загреб добиле „крвави пакети“ со животински очи, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.

Пакетите, натопени во течност со карактеристична боја и мирис, се испратени до украинските амбасади во Унгарија, Холандија, Полска, Хрватска и Италија, генералните конзулати во Неапол и Краков и конзулатот во Брно, објави на Фејсбук портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко.

Инцидент уследи по серијата писма-бомби испратени на различни адреси во Шпанија, вклучувајќи ја и Амбасадата на Украина во Мадрид.

Николенко посочи и дека е вандализиран влезот на резиденцијата на амбасадорот во Ватикан, а имале и дојава за пакет бомби во Амбасадата во Казахстан, што подоцна се испоставило дека е лажна.

Украинската амбасада во САД доби писмо со фотокопија од писмо, во кој се критикува Украина, а пристигна истовремено со заканите низ Европа.

– Оценуваме дека ова е добро организирана кампања за ширење страв меѓу украинските амбасади. Не можејќи да ја запрат Украина преку дипломатски средства, тие се обидуваат да не заплашат. Веднаш можам да ви кажам дека таквата тактика нема да успее и оти продолжуваме да работиме за победа на Украина, изјави шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 17:32