Тетовското јавно претријатие за паркинзи најави дека во иднина ќе се блокираат возилата кои неправилно се паркирани на јавни површини во надлежност од општината. Оваа можност ја добија откако на седница на Совет беше изгласано дополнувањето на правилникот за поставување на блокатори на возила на места што не се наменети за паркирање како и за паркирање во двоен ред на улиците каде има зонско наплата на паркинг.

–Овој став се однесува за сите јавни површини кои се во надлежност на општина Тетово. Тука спаѓаат: сервисните и станбени улици на територијата на општина Тетово,тротоарите, јавните паркиралишта, пешачките и велосипедските патеки, плоштадите, кејовите, пазарите, улични тревници, подигнато зеленило, паркови, рекреативни и други неуредени површини. ЈП „Градски Паркинг”- Тетово ќе бара асистенција од сообраќајната полиција за време на поставувањето на блокатори и отстранување на возилата од места што не се наменети за паркирање. Во случај кога ќе недостасува асистенција од сообраќајната полиција, ЈП “Градски Паркинг” – Тетово до крајот на работното време или најдоцна наредниот работен ден, до Сообраќајната полиција ќе доставува список со регистерски таблици на блокирани и отстранети возила, за натамошна постапка која е во надлежност на Сообраќајна полиција Тетово, истакна Игор Додевски, директорот на ЈП „Градски паркинг“.

Во текот на декември ќе се оди со известувања на граѓаните, а понатаму и со казнување. На новинарско прашање каде ќе интервернираат специјалните возила од пајак службата со оглед на нивниот мал број Додевски рече дека за тоа одлучува полицијата.

-Работата на пајак службата ја организира Сообраќајната полиција и каде ќе ги пратат тие таму ќе одат. Ни јас како директор немам не може да кажам да се оди да се подигне одредено возило. Налозите за работата на пајак-возилата ги дава сообраќајната полиција врз основа на нивно убедување, рече Додевски.

Воведувањето на доплатен билет е вториот новитет, кој ќе го добие корисникот на паркинг место доколку го пречекори предвиденото време за паркирање, а не го продолжи користењето на паркинг услугата (доколку таква можност е предвидена со системот за наплата на паркинг услугата).

-Налогот за плаќање на доплатниот билет го издава контролорот. Висината на доплатниот билет се утврдува во Тарифникот на ЈП “Градски Паркинг” – Тетово и ќе изнесува 1500 ден. Ако истиот се плати во рок од 24 часа од денот на издавање, ќе се плати само половина од вредноста, односно 750 ден. Доколку пак, доплатниот билет не се плати во рок од 8 дена од денот на издавање за корисникот на паркиралиштето, ќе се покрене постапка за наплата на долгот со доплнители трошоци поврзани со присилна наплата и законска затезна камата. Со овој Тарифник се изменува и надоместокот за поставување на блокатор на тркала во сите зони кој од 1000 денари ќе се намали на 750 денари, рече Додевски.

Во периодот април-мај 2023 Додевски најави дека ќе почне изградбата на катна гаража кај зелениот пазар во Тетово.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 17:33