Медиумите како креатори на јавното мислење ја имаат должноста да создадат слика за општествените појави водејќи се исклучило по правилата за професионално и етичко известување. Меѓутоа, неретки се ситуациите на пренесување на одредена состојба низ неетичка призма на медиумите во кои наместо информации од јавен карактер, се истакнува националноста.

Новинарите како едни од најважните чинители во градењето на стабилноста и мирот особено во држава во која живеат луѓе од различни нацоналности имаат круцијална улога. Професионалното известување не се однесува на истакнување на националност, туку на информации кои се важни за јавноста. Сепак, во Република Северна Македонија постојат одредени медиуми кои користат наслови што ја потенцираат националноста.

„Се степаа ученици Албанци и Македонци“ гласи еден од примерите, а од неодамна кружи и насловот „Почина 21 годишна студентка Ема: Ја прегазил Албанец“.

Претседателката на Управниот одбор на Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) кој се залага за одржување и унапредување на етиката и на професионалните стандарди во медиумите, Катерина Синадиновска порачува дека нагласувањето на националноста особено во ваквите ситуации е погрешен пристап.

-Токму така. Ова е многу честа појава и сведочи за непрофесионално и неодговорно информирање. Може да предизвика дополнително зголемување на јазовите меѓу етничките заедници, меѓуетничка нетрпеливост, зајакнување на стереотипите и појава на говор на омраза, што пак може да предизвика и насилство од омраза, вели Синадиновска.

Според д-р Јасна Бачовска Недиќ, професорка од Правниот факултет „Јустинијан Први ваквите наслови се многу чести, опасни, и се во спротивност со основните принципи на едно демократско општество.

– Ние сме ги истражувале овие „новинарски однесувања“ и најчесто се резултат на поединци кои всушност не се професионални новинари (портали, блогови, фб профили), не учеле за човековите права, не учеле за идентитетот и како се артикулира со идентитетските обележја во едно демократско и отворено општество. Најчесто се работи за потреба од бомбастичен наслов кој привлекува внимание, а штетата е огромна – прави поделба во општеството и создава негативни стереотипи, како на пример: Ромите крадат, Албанците се криминалци, Македонците се доминантни и угнетувачи и слично, појаснува Бачовска Недиќ. Ваквите негативни појави во општеството можат да бидат причина за поделби и стереотипи, а тоа го потврдува и универзитетскиот професор и социолог Илија Ацевски, кој вели дека поделбите на етничка основа можат да се продлабочат и прошират особено во мешовити средини и можат да се манифестираат на различни начини, особено преку социјалните мрежи.

-Тоа е видливо во отсуство на комуникација, во ширење на омраза и навреди кон другиот особено е видливо на социјалните мрежи и дел во медиумите, кои за жал малку придонесуваат за меѓусебна толеранција, што создава тензија меѓу етничките заедници, појаснува Ацески.

Долгогодишната новинарка кој работи за државната телевизија МТВ, Фиљана Кока вели дека овие примери не се прифатливи, бидејќи се во спротивност со етичкиот кодекс на новинарите и принципите кои се зацртани во кодексот, а кои се однесуваат на секој професионалец.

-Ваквото известување е погрешно, бидејќи е во спротивност со етичкиот кодекс на новинарите и принципите кои се зацртани во кодексот, а кои се однесуваат на секој професионалец. Известувањето во спротивност со одредбите од кодексот не може да бидат во корист на јавноста ниту на општественото добро, што пак истовремено е прва и основна должност на новинарите. Етничката припадност на учесниците во тепачки, криминални дејствија, незаконски дејствија и друго не смее да ја дефокусира јавноста која занимавајќи се со етничката припадност на чинителите нема да се занимава со тоа колку штетни се појавите на насилство, омраза и слично, независно од припадноста. Напротив, извршителите на тие дејствија и нивните мотиви, и кој и како стои зад нив треба да се целта на известувањето, а не од која припадност се, посочува Кока.

Етичкото и професионалното известување како што истакнува претседателката на Управниот одбор на СЕММ, во мултиетничка средина изискува многу поголема внимателност.

-Кога се работи за мултиетнички општества секогаш треба да се биде особено и дополнително внимателен во известувањето за која било тема и да се работи, внимавајќи строго на Кодексот на новинари и на сите професионални препораки. Информирањето мора да биде ослободено од предрасуди, сензационализам, стереотипи и секако – од говор на омраза. Во случаи ако веќе има меѓуетнички конфликт тогаш известувањето мора да биде со особен акцент на почитување на членот 1 од Кодексот кој налага објавување на проверени и точни информации, значи никако не смее да се шпекулира и да се објавуваат полувистини или информации од непроверени извори, појаснува Синадиновска.

Според неа подеднакво важно е и да се почитуваат правилата за немешање на вестите и коментарите и начелото за објективност на самиот новинар без разлика на која етничка заедница тој лично припаѓа.

Претставките до СЕММ за овој вид на неетичко информирање не се меѓу најчестите, но се присутни

Побаравме информации од Советот за етика во медиумите (СЕММ) за тоа колку претставки за вакви случаи се стигнати до нив изминатите години, а оттаму велат дека се забележани околу десет претставки.

-Има десетина претставки на оваа база, но со оглед на тоа што и покрај најдобрите напори на политичарите и особено на некои партии кои играат на картата на национализмот, меѓуетничките односи во Северна Македонија се сепак релаксирани и ова не е на врвот на листата со претставки што ги добиваме, информира Синадиновска.

Појаснува дека претставките конкретно се однесуваат на опасностите што можат да произлезат од ваквото невнимателно информирање и на јакнење на омразата и нетрпеливоста.

Според Синадиновска со цел намалување на ваквите појави во медиумите потребно е применување на професионалните начела и етиката во новинарството и навремена реакција во СЕММ.

-Прво, медиумите да држат до професионалните начела и да внимаваат на етиката во својата работа, имајќи предвид дека живееме во мултиетничка Република и почитувајќи ги правата на сите етнички заедници. Понатаму, кога има прекршување на некој новинарски стандард и се јавуваат вакви случаи добро е секогаш да се реагира до нашата Канцеларија, било преку електронска пошта или преку формуларот даден на нашата интернет страница и да се пријават медиумите кои објавуваат вакви текстови за да може соодветно да реагираме, вели таа.

Професорката Јасна Бачовска Недиќ смета дека нивото на медиумска писменост кај граѓаните е многу важна и оценува дека во македонското општество е многу ниска што им дава поголемо влијание на ваквите негативни појави во медиумите.

-Многу е важно граѓаните да ги препознаваат ваквите манипулации и да ги оценуваат како негативни, меѓутоа нивото на медиумска писменост во нашето општество е многу ниска и граѓаните се мета на овие наслови и текстови. Често пати потоа ги коментираат во интерперсоналните разговори, најчесто се политизираат, на пример колку се негативни одредени припадници на одредена етничка заедница за опшстеството и така се создава негативна општествена перцепција за одредени заедници и групи. На општествено ниво треба да работиме на сузбивање на овие појави во медиумите и пред се новите медиуми и тоа преку засилена акција на етичките тела – Совет за етика во медиумите, професионалните новинарски здруженија, на академско ниво, невладините организациии во чиј фокус се медиумите, исто така интелектуалците треба да се погласни во сузбивање на овие појави, порачува професорката.

Професионалното и етичко известување не препознава националност и повикува на отсуство на емоции

Емоциите доколку не се контролираат или отфрлат доведуваат до повеќе негативни појави во општеството кои може да го разнишаат мирот.

Во однос на тоа новинарката Фиљана Кока вели дека емоциите кај новинарот не смеат да бидат присутни при известувањето, заради градење мировен мост во мултиетничката средина преку професионално и етичко известување.

-Што побрзо се надмине себе си, и се издигне над својата припадност, било верска, етничка и слично толку побрзо ќе биде надминато негативното чувство и внатрешната слика која новинарот си ги навлекол поистоветувајќи си се со оние на кои како човек им припаѓа и уште побрзо ќе си се посвети на повикот на професијата за да известува според етичките норми и професионалните стандарди, појаснува таа.

Новинарката Фиљана Кока оценува дека со професионален приод при известувањето може да бидат спречени негативните појави предизвикани од било каква емоционална врска.

-Новинарите во ниту еден случај не смеат да потпаднат под влијание на емоционалната врска која ја имаат со одредена заедница, туку напротив да бидат прв нејзин коректор доколку и посакуваат напредок, а тоа е за сите негативни и штетни појави да се известува подеднакво независно кој кому припаѓа, бидејќи таа припадност е ирелевантна за вистинскиот демократски прогрес на општеството во целина, порачува Кока.

Како новинар, кој има известувано од конфликтни подрачја кои биле резултат на некаква етничка нетрпеливост Кока посочува дека ваквите настани се сами по себе многу стресни за новинарите, и тоа е неизбежно, но професијата изискува следење на повикот на професијата за етичко и професионално известување.

-Сите сетила се напнати, а емоционалниот одговор зависи од нивната претходна подготвеност да се соочат со вакви ситуации, пред се искуството што го имаат и секако нивната личност. Кога одите на вакво подрачје вие сте на опасен, непознат, туѓ терен. Таму никој ништо не ви гарантира. Значи, се соочувате со страв од опасност дури и по животот. Дали е тоа воено поле или се работи за обични мирнодобски протести, чувството е слично. Секако дека многу позасегнати сте за својот живот доколку „звечка“ оружјето. Како и да е, новинарите се изложени на силен психофизички притисок од една страна да видат се, да истражат се и да пренесат на публиката брза, точна информација и тоа непристрасно, објективно и професионално, а од друга страна да сочуваат жива глава, па дури и ако навидум се наоѓаат на безбедно место додека известуваат, вели Кока.

Појавата на еден снимател на конфликтен терен само по себе претставува додатен фактор за психолошко оптоварување на ситуацијата, во која се наоѓаат учесниците во еден протест каде има тензија, а неретко и конфликти, вели снимателот на МИА Аслан Вишко, кој има известувано од повеќе протести.

Дециден е дека снимателот како таков може самиот да биде вест на терен, но дека емоциите не се „добредојдени“ ни во ваквите случаи.

-Тешко е секако и најчесто нема правило по исходот од настаните. Лесно е да се крене тензија. Но, за среќа моментално не се наседнува така лесно на провокации за кревање на тензија која секако е од нечии интереси, појаснува Вишко.

Новинарката Фиљана Кока оценува дека рецептот е едноставен „се известува за јавниот интерес, а не во интерес на поединци, или групи на одредени центри на моќ“.

-За новинарот е недозволиво да поттикнува насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка), нешто што е јасно зацртано и во кодексот. Зошто е важно да се почитуваат секогаш општо прифатените општествени стандарди? Едноставно затоа што јавниот интерес е приоритет број еден за оваа професија. Доколку новинарот ги следи ревносно, никогаш нема да стигматизира или фаворизира едни на сметка на други граѓани во земјата, кои, пак, уживаат исти права како и исти обврски, порачува Кока.

Медиумите треба да бидат гласот и очите на јавноста, затоа следењето на повикот на професијата за етичко и професионално известување е клучно за зацврстување на соживотот во една меѓуетничка средина. Новинарите кои понекогаш се единствените „очи“ на граѓаните од настаните кои се случуваат околу нас имаат мисија да ја пренесат реалната и целосната слика, паралелно на тоа со себе ја носат и обврската, чувствата да ги „остават“ на страна и да се осврнат исклучиво на повикот на етичкото и професионално известување.

Овој медиумски производ е изработен во рамки на обуката „Соочување со минатото и известување во Северна Македонија”, во организација на „ForumZDF“.

Симона Србиноска



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2022 04:43