Во Брисел денеска започна судењето на десет исламисти за терористичките напади од 2016 година во кои загинаа 32 лица, а повеќе од 300 беа повредени. Најголемото судење во историјата на Белгија се очекува да трае седум месеци.

Деветмина обвинети се товарат за повеќекратни убиства и обиди за убиства во терористички контекст и се соочуваат со доживотен затвор. Сите десетмина се обвинети за учество во активности на терористичка група. На еден од обвинетите ќе му се суди во отсуство, но се верува дека починал во Сирија.

Белгиското судење се одвива пред порота. Одговорноста за нападите, од кои два беа извршени на аеродомот „Завентем“ во Брисел, а еден во метро станицата „Малбек“, ја презеде терористичката организација „Исламска држава“, истата џихадистичка ќелија што ги изврши нападите во Париз на 13 ноември 2015 година во кои загинаа 130 лица

Во нападите беа убиени 15 мажи и 17 жени државјани на Белгија, САД, Холандија, Шведска, Британија, Кина, Франција, Германија, Индија, Перу и на Полска. Загинаа и тројца бомбаши самоубијци. Меѓу обвинетите е и Мохамед Абрини, кој со двајца бомбаши самоубијци се упати кон аеродромот, но избега без да го активира куферот со експлозив.

Согласно белгиската судска практика, обвинетите не мораат да се изјаснат по обвинението. Обвинителите утре треба да започнат со читање на обвинението од 486 страници, по што ќе следи сослушување на 370 вештаци и очевидци. Судењето се одвива во поранешната централа на НАТО и ќе чини најмалку 35 милиони евра.

Шестмина обвинети во јуни беа прогласени „виновни“ за учество во терористичките напади во Париз.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2022 14:26