Антоан Гризман сè уште не постигнал гол на Светското првенство во Катар, но тоа овој француски репрезентативец, кој настапи на сите 71 натпревари кои актуелните светски прваци ги одиграа од август 2017 година заклучно со вчерашниот осминафинален триумф над Полска, воопшто не го прави несреќен.

Напротив, Гризман наведе дека ужива во улогата која селекторот Дидие Дешамп му ја довери на Мундијалот на кој Франција во четвртфиналето ја очекува дуел против Англија.

Во дуелот против Тунис, единствениот што го почна од клупата за резерви и ги одигра само последните 17 минути, Гризман постигна гол, кој неоправдано му беше поништен поради офсајд.

„Имав шанси за гол против Данска, но ги промашив. Можеби не сум толку блиску до шеснаесетникот, како што бев. Меѓутоа, играм добро. Ми недостасува гол, но не сум опседнат со тоа“, изјави Гризман.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2022 04:42