Рускиот ракометен шампион во женска конкуренција ЦСКА денеска соопшти дека договорил продолжување на соработката со македонската репрезентативка Сара Ристовска, која го носи дресот на клубот од Москва од 2019 година.

Ристовска го продолжи договорот со ЦСКА за уште една година.

-ЦСКА е големо семејство. Го продолжив договорот, бидејќи е големо задоволство да се игра за овој тим. Сигурна сум дека ова ќе продолжи и дека заедно ќе се бориме и ќе постигнуваме нови успеси, изјави Ристовска за клупскиот сајт.

Таа додаде дека е навистина среќна во ЦСКА и оти се чувствува како дома.

-Тука сретнав многу добри луѓе, го совладав јазикот и се чувствувам како дома. Нашата цел е уште повеќе да го зајакнеме духот на семејство во клубот и да бидеме на врвот во оваа и следната сезона, додаде македонската ракометарка.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2022 14:30