Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска смета дека за да се помине од зборови на дела кога станува збор за корупцијата, најважно е прво политичарите да покажат со свој личен пример како треба да се однесуваат и кои вредности треба да се промовираат во општеството.

– И тука зборувам секој од својот аспект. Владата во делот на креирање политики, на обезбедување на буџет, основни и елементарни услови за функционирање, законодавниот дел во делот на донесување на законските решенија, стратегии и се што е во негова надлежност и правосудниот дел во делот на праведност и правично донесување на одлуките. Многу е важно, граѓаните да стекнат доверба дека сите институции коишто имаат главен фактор во борбата против корупција работат со интегритет, непристрасно, што за жал во овој случај не е така, истакнува Грковска во интервју за МИА.

Таа предупредува дека ова не е прашање што се случува преку ноќ, ниту пак е прашање што може да се реши преку ноќ.

Најслабата алка, како што вели Грковска, како што можеме да видиме и според сите анкети, се детектира и од граѓаните во правосудниот, дел, а за жал, довербата е многу мала и тоа е сигурно со причина зошто е тоа така. Вицепремиерката посочува на сите активности поврзани со институтот спогодување со вина, откако во јавноста беа објавени одлуките за два случаи.

– Ние имавме една прилично искрена и многу суштинска дебата каде што се детектираа слабости во Законот. За среќа нов закон е во подготовка и експертот којшто го работи тој закон имаше прилика да ги слушне забелешките коишто ќе бидат вградени дека спогодувањето со вина не може да биде за сите можни кривични дела, дека мора да има градација, дека тоа може да биде за некој лесни кривични дела. Меѓутоа за тешки кривични дела во никој случај не би требало да се применува таа варијанта, истакнува вицепремиерката.

Во интервјуто за МИА зборувајќи за одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет – тврдина“, Грковска нагласува дека сите имаме обврска да бидеме транспарентни пред граѓаните за нашата работа.

– Транспарентност и барањето за транспарентност не може само да биде на адреса на Владата, не може да биде на адреса на пратениците, туку и на адреса на правосудството. Многу пати сум кажала во изминатите месеци, сега пак ќе повторам, не може независноста која што ја дава Уставот да се користи како параван за самоволие. Независноста која што ја дава Уставот треба да биде дополнителна обврска, дополнителен товар за уште поодговорно однесување, вели таа.

Според неа, неинсистирањето на транспарентност сите овие години наназад на правосудниот систем, не доведува до тоа граѓаните да немаат доверба во правосудството заради тоа што не знаат едноставно што се случува.

– И мене ми е мило што мојата изјава која што беше во насока на тоа да ги повикам транспарентно да ги образложат пред јавноста причините за донесувањето на таквата одлука вроди со плод и Апелациониот суд издаде соопштение со објаснување за начинот на којшто ја донел таа одлука и од кои причини таквата одлука е донесена, без разлика што јас сметам дека можеше повеќе во детали, ама како и да е, беше поттик, рече Грковска.

Таа продолжува дека ова што се случува во правосудството е последица на нефункционирање на институциите, посочувајќи на блокираниот Судскиот совет, изборот на новите судии, токму заради самоволие што е недопустливо. Затоа, вели таа, не може да биде одговорен никој друг, туку самите правосудни органи.

– И за тоа треба прво сите ние да бидеме малку самокритични, секој во свој дел и да направиме се што е можно одговорноста да биде приоритет број еден на секоја од институциите што ја водиме или чиј дел сме. Граѓаните ќе имаат доверба и нема да прибегнуваат кон тоа што велите давање на ситно на некој да завршат некоја услуга оној момент кога ќе го видат кај високите функционери, кај овие институции. Се до оној момент додека гледаат дека правосудниот систем не функционира, не им дава надеж, не им влева доверба дека може да има позитивен исход или дека има двојни стандарди, дека многу побрзо се решаваат случаи на обични граѓани, случаи кои не се во бизнис или во политичката фела се по брза постапка осудувани за некои случаи… Случајот со ќебапчињата сега ми паѓа на памет, најпластично ја отсликува состојбата во правосудниот систем и зошто граѓаните немаат доверба во правосудниот систем, потенцира Грковска.

И затоа, истакнува таа, сметам дека кога ќе видат граѓаните дека правосудните органи функционираат непристрасно и со интегритет, тогаш ќе се врати довербата, меѓутоа тогаш и граѓаните ќе се охрабрат да пријавуваат корупција.

Во продолжение следи интегралното интервју со вицепремиерката Грковска.

На Регионалната конференција за борба против корупцијата што се одржа минатата недела велите: Секој ќе полага испит за политичка зрелост. Оние кои ќе го положат ќе опстојат, останатите кои ќе се борат да остане статус „кво“ состојба, ќе бидат избришани од граѓаните“. Што значи оваа ваша порака до функционерите? Тие што ќе добијат одредени забелешки за својата работа треба самостојно да се повлечат или Владата или вие како вицепремиер ќе доставите до нив одредени забелешки? Тоа може да биде и јавно кажан збор. Некои функционери веќе и ги опоменавте во јавноста.

Сметам дека една од придобивките на можноста граѓаните слободно да го изразуваат својот став во јавноста е тоа што се повеќе реагираат на негативни појави во општеството. Една од нив, се разбира, е корупцијата. И за тоа од една страна ме радува сензибилитетот во јавноста што е на толку високо ниво и што толерантноста кон такви појави е сведена на минимум. И за тоа и беше мојата порака дека секој оној што е на одредена позиција, тоа не мора да е само политичар, туку и сите други, сите оние што се во фокусот на јавноста, треба да бидат свесни дека толерантноста од страна на граѓаните не постои веќе, дека треба да бидат свесни дека треба на сите можни начини да се спротивстават на такви појави и за тоа ние бараме план за ризици за корупција од страна на институциите за наредната година за да видиме каде самите институции се свесни и дека може да постои таков ризик, за потоа заедно со институциите да можеме да преземеме мерки за надминување на тие ризици за корупција.

Сакам да истакнам, ова сум го кажала многу пати сите месеци наназад, Регионалната конференција за антикорупција беше практички еден финален дел од сите наши активности изминативе месеци коишто беа преземени во делот на антикорупциски политики и особено заради тоа што сметаме дека прашањето за борба против корупцијата не е на една држава. Тука е регионален проблем, европски проблем, светски проблем. Го видовме тоа со последните примери и дека не може да е третира изолирано. Зборуваме за изолирани случаи, меѓутоа секогаш решенијата треба да ги бараме и во регионален контекст.

Минатата недела веќе излезе во јавноста информација дека имате иницирано кривични пријави за одредени функционери. Дали сега сте во позиција да откриете за што станува збор, за кого и за какви случаи станува збор?

Јас сум многу приврзаник на презумпцијата на невиност и на легалниот след на настаните. Важно е дека ние како Кабинет, и граѓаните е добро да го знаат, дека постапуваме и дека ако добиеме информации кои ако укажуваат на тоа дека е можно да има одредена злоупотреба на законски решенија, на одредени постапки, дека непристрасно одлучуваме без разлика за кого станува збор, дали е министер во Владата, директори во јавни институции, како и да е за нас воопшто не е важно, туку е важно само дали има некаква основа за евентуална злоупотреба, која понатака ја проследуваме до надлежните институции и како фидбек од нивна страна добивме дека за две од нив постои основа за покренување на кривична постапка, третиот е прилично голем, скоро го поднесовме и затоа не очекуваме до крајот на годинава да може да имаме некаков исход.

Откако почна оваа цела дебата во јавноста, ако можам така да кажам, за корупцијата за која што се смета дека е од најгоре до најдолу и меѓу граѓаните и меѓу функционерите, како да се помине од зборови на дела? Тоа е нешто за што зборува и меѓународната заедница.

За жал, станува збор за наталожен и акумулиран проблем. Ова не е прашање што се случува преку ноќ, ниту, пак, е прашање што може да се реши преку ноќ. Ако постоеше така можност јас ќе бев најсреќна и ќе бев првата што ќе го приемнеше тоа. Тоа што е според мене, најважно да се случи е прво политичарите да покажат со својот пример личен како треба да се однесуваат, кои вредности треба во општеството да се промовираат. Да направиме систем во којшто граѓаните ќе имаат доверба во институциите. И тука зборувам секој од својот аспект.

Владата во делот на креирање политики, на обезбедување на буџет, основни и елементарни услови за функционирање, законодавниот дел во делот на донесување на законските решенија, стратегии и се што е во негова надлежност и правосудниот дел во делот на праведност и правично донесување на одлуките. Многу е важно, граѓаните да стекнат доверба дека сите институции коишто имаат главен фактор во борбата против корупција, работат со интегритет, непристрасно, што за жал во овој случај не е така.

Најслабата алка, како што можеме да видиме и според сите анкети, се детектира и од граѓаните во правосудниот дел, а за жал, довербата е многу мала и тоа е сигурно со причина зошто е тоа така. Ние сите овие месеци наназад преземаме активности. Организиравме два настани со судии и обвинители, Судскиот совет, претставници на Судскиот совет, обвинители, универзитетски професори, невладини организации, медиумите беа поканети, министерот за правда исто така. Веднаш после првото спогодување од страна на Обвинителството, со двата случаи заради тоа што лично сметав дека тоа не е добра порака за сите, а уште помалку за младите заради тоа што да направите такво спогодување без притоа да прашате од каде е потеклото на имотот, како го стекнале имотот, зошто баш толку мала сума, кога зборуваме во јавност и Македонија е мала, многу брзо се шират секој за секого знае, дури и тоа што за себе не го знаеме што се вели, дека имав потреба во доменот на моите ингеренции да организирам една таква дебата да видиме дали се злоупотребува институтот спогодување на вина.

И добро е што ги отворивме тие прашања. Ние имавме една прилично искрена и многу суштинска дебата каде што се детектираа слабости во Законот. За среќа нов закон е во подготовка и експертот којшто го работи тој закон имаше прилика да ги слушне забелешките коишто ќе бидат вградени дека спогодувањето со вина не може да биде за сите можни кривични дела, дека мора да има градација, дека тоа може да биде за некој лесни кривични дела. Меѓутоа за тешки кривични дела во никој случај не би требало да се применува таа варијанта. Разбравме во некои држави е поинаку уредено. За жал, кај нас кога има генерална можност, а нема градација каде се е можно да се применува, тогаш очигледно бевме сведоци дека може тој институт да се применува и на таков начин.

После тоа следеше уште една затоа што сакавме да ги отвориме уште повеќе прашањата. Тоа беше затворена работна средба. И од првата и од втората донесовме заклучоци. Се договоривме понатака дека треба да се зајакнат и мерит системот при изборот на судии и обвинители, дека треба градација при избирање на судии и обвинители во зависност од тоа во кое Обвинителството, во кои судови, дека не може да има генерални критериуми за избор и генерални критериуми за оценка при избор на судии и обвинители, и неколку други на коишто ќе работиме сите заедно во наредниот период.

Веќе го спомнавте правосудството. Имаме актуелен случај од петокот наваму. Вие меѓу првите реагиравте. Тоа беше одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-тврдина“. Останувате ли се уште на тој став? Во изминативе денови се повикува Апелацискиот суд да ја објасни својата одлука за случајот „Таргет-тврдина“. Забелешките исто така од експертската јавност е дека во правосудството немаме транспарентност, дека до граѓаните не стасуваат информациите на кој начин и зошто се носат одредени пресуди. Од друга страна за случајот „Таргет – тврдина“ имаме предупредување дека доколку има прекршување на човекови права, тогаш навистина судот донел одлука каква што требал да донесе. Кое е вашето мислење?

Моето повикување на транспарентност е генерално. Значи ние сите имаме обврска да бидеме транспарентни пред граѓаните за нашата работа. Транспарентност и барањето за транспарентност не може само да биде адреса на Владата, не може да биде адреса на пратениците, туку и на адреса на правосудството. Многу пати сум кажала во изминатите месеци, сега пак ќе повторам, не може независноста која што ја дава Уставот да се користи како параван за самоволие. Независноста која што ја дава Уставот треба да биде дополнителна обврска, дополнителен товар за уште поодговорно однесување. И неинсистирањето на транспарентност сите овие години наназад на правосудниот систем не доведува до тоа граѓаните да немаат доверба во правосудниот систем заради тоа што не знаат едноставно што се случува.

И мене ми е мило што мојата изјава која што беше во насока на тоа да ги повикам транспарентно да ги образложат пред јавноста причините за донесувањето на таквата одлука вроди со плод и Апелациониот суд издаде соопштение со објаснување за начинот на којшто ја донел таа одлука и од кои причини таквата одлука е донесеа без разлика што јас сметам дека повеќе можеше во детали, ама како и да е. Меѓутоа, исто така, нашите активности во изминатиот период го поттикнаа и Судскиот совет да биде проактивен и конечно да почне да ја добива улогата која што како Судски совет би требало да ја има.

Ова се последици на нефункционирање на институциите. Вие знаете дека Судскиот совет беше блокиран повеќе од една година, беше блокиран и изборот на новите судии, токму заради самоволие, што е недопустливо. Затоа не може да биде одговорен никој друг, туку самите правосудни органи. И за тоа треба прво сите ние да бидеме малку самокритични секој во свој дел и да направиме се што е можно одговорноста да биде приоритет број еден на секоја од институциите што ја водиме или чиј дел сме. Граѓаните ќе имаат доверба и нема да прибегнуваат кон тоа што велите давање на ситно на некој да завршат некоја услуга оној момент кога ќе го видат кај високите функционери, кај овие институции. Се до оној момент додека гледаат дека правосудниот систем не функционира, не им дава надеж, не им влева доверба дека може да има позитивен исход, или дека има двојни стандарди, дека многу побрзо се решаваат случаи на обични граѓани, случаи кои не се во бизнис или во политичката фела се по брза постапка осудувани за некои случаи… Случајот со ќебапчињата сега ми паѓа на памет, најпластично ја отсликува состојбата во правосудниот систем и зошто граѓаните немаат доверба во правосудниот систем.

Храброст е да се носиш со предизвиците. Во борбата со корупција треба луѓе кои се храбри, луѓе кои се со интегритет, на кои никој од надвор не може да им влијае, заради тоа што само на таков начин може да донесат професионална, нелицемерна и вистинска одлука. Лесно е да се правите херој на такви мали случаи, но вистински предизвик е да бидете непристрасен и да пресудите навистина на крупни случаи во кои се вплеткани и политички и бизнис интереси. И затоа сметам дека кога ќе видат граѓаните дека правосудните органи функционираат непристрасно и со интегритет, тогаш ќе се врати довербата, меѓутоа тогаш и граѓаните ќе се охрабрат да пријавуваат корупција. Се до тој момент тоа нема да се случува заради тоа што граѓаните не се чувствуваат дека се заштитени, ако воопшто пријават корупција, особено висока корупција. Затоа моето инсистирање на транспарентност воопшто не значи мешање во независноста или влијание на независноста, туку потсетување дека тоа е обврска на носител на сите власти и на законодавната, и на извршната и на судската власт.

Дали институциите веќе започнаа до вашиот Кабинет да ги доставуваат приоритетите во однос на имплементацијата на Извештајот на ЕК и во однос на Стратегијата за спречување на корупцијата и што содржат тие? Како планирате да го спроведувате надзорот на нивната реализација?

Да, заради тоа и ја организиравме таа координативна средба на сите институции коишто се надлежни во кој било дел од институциите за борба против корупцијата и организиран криминал заедно со евроамбасадорот Гир, со вицепремиерот Маричиќ, почнаа да стигаат и стигнуваат плановите. Тоа се конкретни активности. Заклучокот беше дека треба да има конкретни активности за надминување на оние забелешки коишто се дадени во извештајот и ние понатака ќе ги следиме заедно со институциите тоа што ќе следи во наредниот период откако, нели, ќе ги собереме сите со секоја поединечно во иднина, не мора само групни и такви големи, туку мали работни средби со секоја поединечно за да се види статусот, за да се види кои се проблемите ако има потреба во меѓувреме при реализација на некој план, на некоја активност која што оди во насока на подобрување на извештајот и на тоа што е нотирано таму да предложиме како тоа да се направи.

Значи, едно прилично динамична година не очекува во овој аспект заради тоа што сите се согласивме дека мора да покажеме конкретни резултати, конкретен успех и дека она што беше нотирано од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата исполнето само 20 отсто на Националната стратегија за борба против корупцијата е недозволиво мал процент којшто не смее да се повтори.

Како ќе го вршите надзорот? Како се спроведува Стратегијата на терен? Имате ли можност ваши луѓе да одат на терен што ќе стојат во извештаите или одредени предмети?

Нашиот Кабинет не е истражен орган. Значи, нашиот Кабинет ја има улогата да ги координира активностите заради тоа што, нели, станува збор за активности на повеќе институции, на повеќе ресори коишто се испреплетуваат и тоа е во суштина позицијата на вицепремиер да ја координира активноста и да притиска тие активности да бидат позабрзани. Немаме, не сме истражители, не сме судии, ништо од тоа, меѓутоа ние имаме обврска да ја следиме динамиката на исполнување на обврските што ќе ги нотираме, да се детектираат слабостите во системот. Заради тоа е и Кабинет за креирање политики за добро владеење, имаме ингеренции само во делот на креирање на политиките и заеднички да најдеме начин како тие да се надминат. Во оној момент кога ќе најдеме начин како да се надминат, тогаш во зависност од тоа каков е заклучокот, или даваме информација на Владата со која што задолжуваме одредени институции или, пак, ја прифаќа како таква Владата и понатака се спроведуваат од надлежните институции или, пак, ние ги координираме работните групи коишто имаат обврска да подготват некој документ.

Каква е вашата соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата, дали добивате од кај нив препораки, укажувања за одредени предмети?

Сме добиле во неколку наврати од Државната комисија за спречување на корупцијата. Ние имаме добра соработка, двонасочна да кажам, имаме некои предмети коишто тие ги имаат, коишто ние ги имаме за одредени политики исто така. Во интерес и на Владата и на Државната комисија за спречување на корупцијата е да има добра соработка во смисла на зајакнување на политиките и активностите, особено во делот на исполнување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и активности коишто одат во насока на подобрување на системот и во смисла да стане поотпорен на корупција. Тоа е еден од најголемите предизвици, би рекла, покрај предизвикот за менување на свеста генерално како и на кој начин да го направиме системот поотпорен.

Еден начин е со зајакнување на политиките, на решенијата за коишто е детектирано веќе дека можат да предизвикаат двосмисленост, нејаснотија, недостиг, па некој тоа го злоупотребува, до влијание на свесноста за тоа колку интегритетот при вршење на одредена функција е важен. Кабинетот има улога и направи обуки, преку 140 обуки на избрани и именувани функционери од страна на Владата коишто се однесуваат на интегритетот и на Етичкиот кодекс на избрани и именувани функционери во Владата, на Државната комисија за спречување на корупцијата е тој дел да го покрие во делот на јавната администрација.

Минатата недела повторно профункционира алатката за транспарентност што се однесува на трошоците на министрите. Дали сте ги провериле овие трошоци и дали има некои отстапувања? Да нагласам дека станува збор за трошења што се однесуваат на минатата 2021 година.

За нас е важно како Кабинет транспарентноста да стане не нешто што некој од надвор го бара, туку вообичаен начин на функционирање на институциите. Кога забележавме дека алатката не функционира ние прво што почнавме да притискаме колку е можно побрзо тоа да се случи заради тоа што транспарентноста е најдобриот начин за намалување на можност за корупција и за зголемување на одговорноста, затоа што ниту еден функционер не е комотен кога знае дека транспарентноста е на високо ниво и кога е во фокус на јавноста. И затоа ќе инсистираме и во наредниот период да не се случи повторно ваква голема пауза. Веќе ги преземавме сите активности, и се собираат податоците за наредниот период за да се објават на време. Прашање е на сплет на околности и некои технички проблеми, да кажам, меѓутоа како и да е тие се веќе надминати и се надевам дека во иднина тоа нема да се повтори.

За да ги натераме институциите да бидат навикнати на транспарентност ние заедно со Центарот за управување со промени и со Агенцијата за слободен пристап на информации од јавен карактер испративме допис до сите институции да ни дадат информација кои се најбараните прашања врз основа на член 10 од Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер во изминатите две години и добивме една прилично голема листа, обемна листа која ја изанализиравме, подготвивме упатство. Тоа упатство го споделивме до сите институции, добивме фит бек, позитивни мислења од страна на институциите и сега преку информација на Влада ќе ги задолжиме тие институции, оние информации коишто се најчесто барани проактивно да ги објавуваат без притоа да бидат барани од страна на граѓаните и со тоа, на тој начин обезбедуваме проактивна транспарентност од страна на институциите, влијае на нивната ефикасност заради тоа што наместо постојано да губат време во одговарање на едни исти прашања тоа време можат да го употребат за нешто друго.

Од друга страна граѓаните во секој момент ќе можат да ја видат информацијата која што најмногу ја барале во изминатите две години и тоа е еден дел од политиките коишто ги водиме во делот на дигитална трансформација на општеството заради тоа што тоа што следи. А ова една меѓуактивност, да речам, е подготовка на закон којшто би требало да не доведе до степен во којшто при формирање на регистрите коишто во овој момент за жал ги немаме сите, сите институции ќе бидат обврзани да ги објавуваат сите податоци и сите информации, освен оние коишто се класифицирани или, пак, ги загрозуваат личните податоци. Зошто е тоа важно и мислам дека оваа меѓу мерка ќе придонесе за тоа е да сфатиме дека податоците и информациите што ги имаат институциите не се на институциите, туку на граѓаните. Затоа што сите ние тука сме за граѓаните, а не обратно. И се што правиме треба да правиме за доброто на граѓаните и сите информации и податоци што ги поседуваме припаѓаат на граѓаните и граѓаните имаат право тоа да го знаат без да го бараат дополнително.

Имајќи предвид дека ја предводите оваа битка со корупцијата, дали веќе чувствувате одредени притисоци (суптилни или можеби директни) за она што сте го кажале?

Да ви кажам, имало се изминативе десетина месеци. Од се по нешто и се уште има. Меѓутоа, јас сум долго во политиката и доволно сум свесна дека вакви активности што се можат да предизвикаат и тоа не е нешто ново, така што, ако можам да се изразам, мене не ме загрижуваат ниту пак допираат до мене таквите „добронамерни укажувања“, затоа што сметам дека се додека сум тука треба да си ја вршам обврската за која што сум се нафатила – професионално, одговорно онака како што е најдобро за сите и мислам дека за сите овие месеци веќе сите сфатија дека сите такви „добронамерни укажувања“ немаат никакво влијание ниту на активностите на Кабинетот, ниту пак на моите изјави во јавност.

Не чувствувате загриженост?

Не воопшто.

Ќе продолжите?

Да. Воопшто немам дилема за тоа, да ви кажам искрено.

Ресорот што вие го покривате не „работи“ само корупција. Мошне актуелни деновиве се кибер нападите и кибер безбедноста на државните институции. Имаме актуелни дојави за бомби кои се поврзуваат со кибер напади, имавме одредени напади на веб страните на одредени министерства и институции. Минатата недела имавте одредена активност која се однесуваше токму на зајакнување на институциите од кибер напади. Што ќе се подготвува во следниот период и дали државата има соодветни кадри за да може да бидеме подготвени во однос на евентуални други вакви кибер напади?

Дигиталната трансформација на општеството паралелно мора да оди со неминовно зголемување на отпорноста од кибер напади и тоа е тоа што го зборувам и активностите на кабинетот што ги има во делот на политики сите изминати месеци. Обуките коишто беа сега преземени се практично во суштина резултат на една низа активности коишто сме ги имале во изминатиот период и за мене беше важно прво тие обуки да се одвиваат на највисоко ниво и во највисоките политички органи да се подигне свеста за тоа колку е важно посветувањето на ваквите политики, меѓутоа да индицира и на буџетот и да се сфати дека инвестицијата во кибер безбедност, не е трошок, туку е во суштина инвестиција, заради тоа што ние треба да им влееме доверба на граѓаните дека се што дигитализираме и сите услуги коишто тие имаат можност дигитално да ги користат дека се заштитени нивните податоци и дека можат безбедно да ги користат, од друга страна да ги заштитиме и базите на податоци коишто како држава ги имаме.

За жал, требаше да се случат напади од ваков тип за сите да станеме свесни колку е важно инвестирањето во тој дел. Сигурна сум дека понатаму на сосема поинаков начин ќе се гледа на ваквите активности и на потребата да се унапредат одредени решенија и во таа насока сигурно ќе оди и формирањето на агенција која што ќе се занимава со овие прашања со многу покоординиран пристап, многу посериозно да речам како досега со тоа што да имаме предвид дека едно прашање е кибер безбедноста во безбедносните структури, а сосема друго прашање е кибер безбедноста во јавниот сектор. Тоа се две различни прашања од различен карактер и тоа треба и така да се третираат.

Што е во однос на кадрите?

Кадрите, за жал, се многу малку и тоа е едно од горливите прашање за кое што ние се обидуваме сите месеци наназад да најдеме модел којшто ќе биде решение во смисла кое ќе обезбеди задржување на ИТ-кадрите во институциите внатре. Вие знаете дека ИТ-пазарот е многу компетитивен, не може државната администрација да се мери и споредува со платите коишто ИТ-кадрите ги добиваат во приватниот сектор. Сите можни модели ги изанализиравме во минатиот период. Фокусот беше повеќе кон тоа што би можело да се направи без да се оди кон нови законски решенија заради состојбата во Парламентот, блокираноста на Парламентот и успорување на постапката, меѓутоа очигледно дека на крај таквото решение ќе биде неминовно.

Во однос на дојавите за бомби и кадрите, во јавноста се наметнува едно прашање дали можеби не треба да се ангажираат приватни компании или поединци, еве луѓе од земјава кои се занимаваат со кибер безбедност?

Кога се во прашање конкретни активности тогаш не станува само збор за ангажирање на лица од Македонија коишто работат на кибер безбедност некаде надвор, туку и експертиза која што ја добиваме од нашите меѓународни партнери. Ниту една земја не успеала сама да најде механизам како да се избори со ваквите напади. Се разбира, тоа зависи од големината на нападот, некои се полесни и многу побрзо се решаваат, за тоа не треба ни поголема помош. Меѓутоа, за тие крупните напади ретко некоја држава може сама да се избори, па така и Македонија, ние бараме помош и од нашите меѓународни партнери заради тоа што едноставно во ова сме сите заедно.

Пред извесно време станавме членка на една меѓународна организација. Што може како помош да добиеме?

Ние станавме членка на Глобалниот форум за кибер експертиза исто како резултат на нашите активности. Во четири групи се активностите коишто се водат од „полисимејкинг“, па до конкретни активности. Тоа што понатака ќе следи веќе имавме разговори со Холандската амбасада. Ние ќе ги повикаме сите оние организации, институции заинтересирани, меѓутоа тука има можност и за приватните компании што е исто така важно за да ги запознаеме за можностите коишто ги нуди оваа мрежа, овој форум и за начин којшто најдобро можат да ги искористат можностите за подобрување на капацитетите коишто форумот ги нуди. Инаку, сакам да информирам дека кабинетот ги организира месечните координативни состаноци заедно со оние институции коишто имаат надлежност од кибер безбедност, меѓутоа и со нашите донатори. Тоа се Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана, Агенцијата за електронски комуникации, УСАИД, ДИКАВ и од наредниот месец и Холандската амбасада, со чија поддршка во суштина го обезбедивме учеството во овој форум.

Кои се вашите приоритети за следната година?

Ние почнавме со планирање на нашите активности уште во јуни оваа година. За мене е важно да се смета и сите во мојот тим да имаат удел во креирањето на политиката, во давањето на предлози заради тоа што сите овие месеци наназад се што правиме – правиме заедно и јас сум бескрајно благодарна затоа што знам дека воопшто не е лесно. Ние сме малку луѓе, меѓутоа сите се многу посветени заради тоа што се свесни за важноста на сите активности што ги имаме за тоа колку влијание тоа има во општеството, без разлика што може на прв момент тоа не е видливо вака, меѓутоа барем ние во Кабинетот ја чувствуваме разликата во тој сегмент. И за тоа веќе во септември имавме една груба прва драфт – верзија да кажам за планот за наредна година.

Се разбира дека во еден дел ќе ги продолжиме активностите коишто сме ги имале и досега. Уште повеќе ќе се посветиме на младите заради тоа што активностите што ги почнавме да зборуваме и таа кампања „Зависи од мене и од тебе“ што претставува порака и мото за една низа на активности што ги правиме дека зависи од сите нас во какво општество живееме секој во својот домен. И повторно ќе кажам политичарите се најодговорните. Меѓутоа и сите ние во делот на своето опкружување како резултат на таа апатија, генерална разочараност што ја чувствуваме сите како граѓани во општеството, да укажеме прво меѓу младите, меѓу средношколците колку е важно да го имаат интегритетот како основа во нивите вредности заради тоа што целата иднина понатаму тоа се луѓето коишто за десетина години ќе бидат во позиција да водат фирма, да бидат на некоја позиција во општеството без разлика каде и да е дека е важно својата обврска да ја исполнуваат професионално и со интегритет за доброто на сите и дека е тоа единствениот и најдобриот начин за тоа како да го направиме нашето општество подобро.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/12/2022 12:09