Електрониката и чиповите се мозокот и срцето на моите креации. Со помош на вештачката интелигенција можеме да ставиме фокус на одредени делови од облеката кои најмногу не инспирираат и на тој начин да комуницираме со другите луѓе. На пример, со помош на сензори и подвижни раце на фустанот да создадеме подефинирана граница на личниот простор, објаснува за МИА светски познатата холандска модна дизајнерка Анук Випрехт.

Таа е иновативна дизајнерка, приврзаник на модната технологија (FashionTech) и создава раритетна комбинација на модни парчиња, кои се комбинација на инженерство, наука и дизајн. На автентичен начин ја спојува модата и технологијата, а нејзините дизајни се стремат кон вештачка интелигенција, како своевидни системи „домаќини“ и делуваат како да дишат заедно со човечкото тело и реагираат на непосредната околина.

Сензорите вградени во дизајнот го следат просторот околу оној што го носи, а сензорите за телото го детектираат нивото на стрес како удобност или вознемиреност. Нејзиниот најпознат „Spider Dress“ базиран на модулот Intel-Edison е совршен пример за оваа естетика, каде што сензорите и подвижните раце на фустанот помагаат да се создаде подефинирана граница на личниот простор.

На 10-ти месецов, Анук Випрехт беше специјална гостинка на гала модниот настан „Осветлено“, што се одржа во фоајето на Национална опера и балет (НОБ) во Скопје, организиран од Амбасадата на Холандија, а во соработка со студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко металуршкиот факултет во Скопје, под менторство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева.

Випрехт за време на нејзиниот престој во Скопје одржа неколку мастеркласови со студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека, кои при тоа добија конкретни насоки како да ја користат современата технологија во модниот дизајн. Потоа, холандската дизајнерка заедно со професорката Георгиева одржаа и неколку работилници на кои студентите создадоа оригинални модни дизајни, што беа претставени на модниот настан.

Випрехт активно соработува со Интел, АутоДеск, Гугл, Мајкрософт, Самсунг, Адидас, Дизни, Сваровски, Ауди, со најпознатиот циркус „Сирк де Солеј“ и со компаниите за 3Д печатење, додека истражува како би изгледала нашата иднина доколку продолжиме да ја вградуваме технологијата во она што го носиме.

Таа работи и живее на релација меѓу Сан Франциско, Лос Анџелес, Мајами и Амстердам.

Во Националната опера и балет (НОБ) се одржа гала моден настан „Осветлено“ на кој беа промовирани вашите уникатни креации. Што можеше да види публиката од овој настан и кои беа нивните импресии?

Модната ревија што се одржа во НОБ беше насловена „Осветлено“ (Into The Light) и целта беше да се одржи промоција на високотехнолошки модни дизајни во Северна Македонија.

Мислам дека модниот настан беше одлично прифатен од страна на публиката. Успеавме да покажеме иновативен пристап на технологијата во модата, а тоа на гледачите им се допадна. Се чувствуваше научно фантастичен амбиент. Ми беше огромно задоволство да ги претставам моите креации во Скопје.

Исто така, посебно ми се допадна и начинот на кој што беа облечени присутните на модната ревија во НОБ. Делуваа футуристички.

Првпат ли доаѓате во Скопје? Како го доживувате градот?

Скопје е преубав град. Има интересни места за посета, а луѓето се навистина пријатни. Ми се допаѓа архитектурата во градот. Најмногу ме фасцинираше брутализмот, старата чаршија, но и зградата на Националната опера и балет, каде што се одржа модната ревија. Забележав дека зградите се карактеризираат со минималистичките конструкции, нешто што навистина ми се допадна.

Може ли да ми кажете нешто повеќе околу вашите први почетоци во оваа модата?

Со модата почнав да се занимавам од 14 години. На 17 години почнав со кодирање, електроника и роботика. За мене, традиционалната мода беше аналогна, а јас сакав да ја покажам на поинаков начин. Имав замисла да ја направам интерактивна, да испраќа одредена порака до луѓето. Па така, електрониката и чиповите се мозокот и срцето на моите креации.

Најпрвин ми требаше да го научам јазикот на кодирање, а како и секој друг јазик – потребно е време тој да се научи. Потоа, почнав да се занимавам со инженерството, нешто што ми беше потребно при создавањето на вакви креации.

Чувството да програмираш систем кој што ќе се движи и ќе ги слуша твоите наредби е незаменливо. Тоа е она што ми се допаѓа кај инженерството. Да работиш со компјутери, да создаваш своевидни системи „домаќини“ кои ќе бидат дел од облеката и ќе делуваат како да дишат заедно со човечкото тело и да реагираат на непосредната околина.

Со создавање на вакви модни дизајни почнав да се занимавам од 2000 година, кога компјутерите беа огромни. Ова го работам повеќе од 20 години. Сега, кога компјутерите се понапредни и помали во однос на претходните, многу е полесно да се работи. Луѓето се импресионирани од моите креации затоа што се уникатни и несекојдневни. Најчесто на луѓето им е предизвик да создадат спој на модата и технологијата. Особено тешко беше вакој спој да се замисли пред 20 години, за време на моите почетоци.

Тешко ли е да се успее во светот на модата? Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат жените во оваа индустија?

Модната индустрија во светот многу брзо се менува – и стиловите и трендовите се постојана мета на промени. Затоа, жените треба да размислуваат однапред за следните трендови кои доаѓаат и да бидат пред времето. Пред се, мора да ја имаат способноста да размислуваат за тоа какви стилови би можеле да се појават во иднина. Како модата ќе изгледа за една година? За две години? За десет или пак за 20 години?

Да работиш во модата е да знаеш да ја предвидиш иднината, согласно претходното искуство што го имаш во модата. Така, што повеќе искуство ќе собереш, толку полесни претпоставки ќе добиеш за иднината.

Сè се сведува на игра и на забава. Но дефинитивно, станува збор за индустрија која многу брзо се менува.

Како дојде идејата за создавање на еден ваков спој меѓу техонологијата и модата?

Уште од моментот кога се појавија првите компјутери во 90-тите години на минатиот век, сметав дека е сосема логично технологијата да влијае на модата во одреден период.

Сензорите вградени во дизајнот го следат просторот околу оној што го носи, а сензорите за телото го детектираат нивото на стрес како удобност или вознемиреност.

Компјутерите се одлична алатка кои помагаат за вградување сензори во дизајнот кои го следат просторот на оној кој ги носи. Со помош на сензорите, ставаме фокус на одреден дел од облеката и праќаме одредена порака. На пример, можеме да создадеме систем на фустан, кој ќе не заштити кога некоја личност ќе влезе во нашиот личен простор.

Модата на овој начин може да ни биде „гласот“ преку кој ќе комуницираме со другите. Во текот на работата секогаш си го поставувам прашањето како овие модни креации можат да ни помогнат во нашето секојдневие и како модата со помош на електрониката може да не претставува пред другите.

Која е крајната порака која се крие зад овие креации?

Уште од почетокот на оваа модерна ера, сите дизајнери, архитекти, уметници, музичари и креатори се обидуваа да создадат спој меѓу технологијата, машините, објектите и алатките околу нас. Во мојот случај јас ги вплеткувам технологијата и електрониката во гардероба и правам да одговараат на телото или на она што го опкружува телото.

Модните ревии и изложбите даваат плод на нови соработки меѓу уметноста и технологијата, но воедно и создаваат нови прашања – „До каде ли технологијата и алатките ќе не однесат?”.

Колкав временски период се одвиваат подготовките за една ваква креација?

Најчесто за една креација ми се потребни од две недели до два месеци, поради тоа што дигиталното дизајнирање бара подолг временски период на работа за да се заврши како што треба. Креација која најбрзо ја имам создадено е за пет дена, со помош на користење на 3Д принтер и модел кој ќе е присутен во текот на работата, а најдолг период ми е за два месеци поради тоа што при користење на хај тек процеси, потребно е време додека парчињата да се вратат од 3Д компанијата, или пак ако станува збор за посебни облеки или прилагодена електроника која е нарачена од друго место, и истите треба да бидат произведени и испорачани. Така да, зависи од видот на дизајнот и електрониката.

Ваш совет за жените кои имаат желба да се занимаваат со дизајнирање?

Мислам дека е одлично за жените да бидат дел од хај-тек индустријата. Во еден период ќе програмираат, а во друг ќе дизајнираат, ќе шијат и ќе ги обликуваат своите креации. Станува збор за многу забавен процес, кој бара користење на различни алатки – од рачка за лемење, алатка за шиење, до компјутер за дизјнирање и кодирање, до машина за ширење. Ова е одличен начин да се научи нешто повеќе и да се биде дел од електрониката – област во која се уште доминанти се мажите. Така што секогаш е добредојдена женската моќ за да се создаде полова рамноправност во делот на технологијата. Затоа, жени земете го лаптопот и почнете со кодирање.

На какви проекти работите во моментов?

Деновиве отворивме ресторан со 3Д слики во Њујорк, каде ќе бидат ставени и две мои креации. Ресторанот е насловен „Journey“ и претставува едно уникатно доживување, спој меѓу храна, уметност и мода. Ме радува тоа што моите креации ќе се движат како хостеси секојдневно во овој ресторан и можам да ги увидам перформансите на дизајните со текот на времето.

Така од едниот проект во Скопје, до другиот во Њујорк. Најзабвниот дел ми е крајната цел, кога дизајнот е готов, а луѓето уживаат во нив.

Нешто повеќе околу вашите идни планови? Ќе не посетите ли повторно?

Размислуваме за нови интересни проекти во иднина, кои ќе се случат во Скопје. Можеби ќе одржиме уште еден мастерклас, како последниот со Лидија Георгиева и нејзините студенти. Можеби подлабоко ќе нурнеме во светот на кодирањето и инженерството, но уште немаме дефинирано на какви проекти ќе работиме.

Задоволство ми беше да работам со студентите и со Лидија, кои во себе носат голем потенцијал. Кога ќе се опкружиме со позитивни друштвени луѓе кои прифаќаат нови идеи и технолошки иновации како студентите на Лидија, тогаш постои вистинска можност за создавање на влијателни проекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2022 12:17