Македонската ракометна репрезентација го заврши настапот на Светското првенство на 27. место, откако вечерва во завршниот натпревар во рамки на „Претседателскиот куп“ ја совлада Јужна Кореја со 36-33.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров од самиот почеток на дуелот во Плоцк беа во константно водство кое достигна највисоки плус шест во 23 минута (17-11). Сепак, Јужна Кореја со серија од 6-1 ја врати резултатската неизвесност и на полувреме македонската ракометна репрезентација замина само со гол предност (20-19).
На средина од второто полувреме, македонските ракометари прв пат на натпреварот беа и во резултатска негатива (24-25), но беа поумешни во завршницата и на крајот триумфираа со 36-33.
Најефикасен на натпреварот и воедно играч на мечот беше Филип Кузмановски со осум голови, додека голманот Мартин Томовски запиша 14 одбрани.
За Македонија ова беше осми мундијалски настап што го заврши на 27. место со ефект од три победи и четири порази, од кои три во групната фаза.