Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска пристигна во Јужна Кореја како дел од турнејата чија цел е зајакнување на врските со американските сојузници во услови на војна во Украина и растечкото ривалство со Кина, а во понеделник ќе ја посети Јапонија.

Столтенберг во јужнокорејската престолнина Сеул се сретна со министерот за надворешни работи Парк Џин, а подоцна ќе се сретне и со претседателот Јун Сук-Јол и министерот за одбрана Ли Џонг-Суп.

„НАТО е загрижен за непромислените ракетни тестови и нуклеарната програма на Северна Кореја, додека војната во Украина има несакани последици за Азија“, изјави Столтенберг на почетокот на средбата со Парк, осврнувајќи се на сомневањата дека Северна Кореја и дава воена поддршка на Русија.

„Ова само нагласува колку сме меѓусебно поврзани“, рече тој.

Двајцата ги истакнаа „заедничките вредности“ меѓу земјите-членки на НАТО и Јужна Кореја.

„Со оглед на денешните глобални предизвици без преседан, веруваме дека солидарноста меѓу земјите кои ги споделуваат вредностите на слободата, демократијата и владеењето на правото е поважна од кога било“, рече Парк.

Столтенберг во понеделник ќе отпатува за Токио, каде ќе се сретне со јапонскиот премиер Фумио Кишида и со други јапонски претставници.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2023 16:06