Еурофарм Пелистер, вчеравечер загуби од Војводина на гостински терен со 29:24 во првиот настап сезонава во СЕХА-лигата. Тренерот на битолчани, Ларс Валтер не е задоволен од залагањето на своите избраници.

– Агресивната 6-0 одбрана на Војводија ја „уби“ нашата флуидност. Од таа агресивност не можевме да напаѓаме како што планиравме. Не трчавме многу без топка и покажавме физичка инфериорност. Сепак, тоа е заслуга и на нашиот противник. Не работевме комплетни овој месец и ритамот ни е пореметен. Но, нема изговори, загубивме од подобар тим и треба само да работиме за да се подобриме, истакна Валтер.

Десното крило Ненад Костески се надева на подобри изданија на пелистерци следниов период.

– Честитки за победата на Војводина, заслужија да се радуваат. Имавме многу технички грешки и промашени зицери и тоа на крај нè чинеше пораз. Победата на Војводина е заслужена, но ова е само почеток на лигата. Продолжуваме понатаму и се надевам дека ќе бидеме подобри.

Во следното коло, Еурофарм Пелистер на 2 февруари ќе гостува кај Нексе.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2023 16:47