Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 ја забележа првата победа во новата сезона во регионалната СЕХА лига, откако вечерва во Скопје го совлада белградски Партизан со 31-26 во рамки на 2. коло во групата Б.

По стартниот пораз на гостински терен од словачки Татран, ракометарите на Вардар влегоа мотивирано во дуелот со српскиот претставник и на полувреме имаа водство од 16-14.

Гостинскиот состав во продолжението на два пати го израмнуваше резултатот (19-19, 21-21), но тогаш Вардар врати со серија од четири голови и на крајот заслужено ги освои првите бодови во новата сезона во СЕХА лигата.

Најефикасен во редовите на „црвено - црните“ беше Филип Талески со девет голови, додека Дејан Манасков постигна гол помалку.

Вардар во 3. коло ќе му биде домаќин на Татран, на 10. Овој месец во салата „Јане Сандански“ со почеток во 18 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2023 01:24