Првата дама на САД, Џил Бајден ќе се појави на овогодишната свеченост за музичките „Греми“ награди како доделувачка, објави Белата куќа.

Водител на доделувањето на „Греми“ наградите годинава е комичарот Тревор Ноа. Свеченоста ќе се одржи в понеделник на 6 февруари, рано наутро по македонско време.

По номинациите, организаторите го објавија и составот на доделувачите, па на списокот се раперката Карди Би, поп-ѕвездата Оливија Родриго, глумците Двејн Џонсон, Вајола Дејвис, Били Кристал, како и комичарот Џејмс Корден и канадската уметничка Шанаја Твејн. Бајден не е единствената прва дама што досега се појавила на доделувањето на престижните „Греми“ награди. И поранешната прва дама Мишел Обама беше на таа сцена во 2019 година, а година подоцна освои „Греми“ за албум cо аудиоговор, за нејзините солидно продавани аудиомемоари „Becoming“.

Хилари Клинтон доби „Греми“ во 1997 година како прва дама, за нејзината книга „It Takes a Village“.

Номинациите за неделните Греми награди беа објавени во ноември. Најмногу номинации има Бијонсе - вкупно девет, со што се изедначи со својот сопруг, раперот Џеј Зи, за најноминирани уметници на сите времиња. Бијонсе и Џеј Зи имаат вкупно 88 номинации за музички награди - гласани од колегите. Џеј Зи оваа година доби пет номинации.

Освен што се доделувачи, Дејвис и Кристал се и меѓу номинираните. Дејвис е почестена со внесувањето на нејзиното име во категоријата Најдобра аудиокнига, нарација и раскажување приказни за нејзините мемоари „Finding Me“. А пак, Кристал е номиниран за Најдобар музичко-театарски албум за „Mr. Saturday Night“.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2023 14:36