Ракометарите на Еурофарм Пелистер во второто коло од ракометната СЕХА лига, втор пат се поразени, вечерва од Нексе во Нашице со 29:25 (15:12).

Традиционално незгодниот хрватски тим за битолчани и овој пат излезе поуспешен во меѓусебниот дуел, освојувајќи лесни бодови и победа која не беше доведена во прашање во нити еден момент од натпреварот.

Првото полувреме заврши со предност на домаќините од 15:12, во вториот дел тимот на Еурофарм Пелистер почна уште послабо, бидејќи Нексе резултатската предност ја зголеми на 7 голови, односно 23:16. Мала надеж за македонскиот претставник се појави во 52 минута кога резултатот на семафорот беше 24:22, но заради грешки во одбраната и на клупата кои судиите ги казнија со двојни изклучувања, на крајот, очекувано, домаќините славеа со 29:25.

Најефикасен во домашниот тим беше Срешен со 6 постигнати голови, а во битолскиот тим статистички најефикасен беше Радовиќ со 5 голови, најголем дел од нив постигнати од линијата од 7 метри.

Натпреварите од ракометата СЕХА лига продолжуваат на 2 март кога во Битола ќе гостува ракометниот клуб Војводина, а групната фаза ќе заврши на 14 март со реванш дуел меѓу Еурофарм Пелистер и Нексе.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2023 00:56