Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео утринава во интервју за Би-Би-Си изјави дека Путин немаше да ја нападне Украина доколку Доналд Трамп се уште беше претседател, пишува Гардијан.

-Ние знаеме како да ги одвратиме нашите противници. Искрено, администрацијата на Трамп го стори тоа. За време на нашиот мандат, Путин не ја нападна Европа или Украина. Да, тоа е неиспровоциран напад врз Европа. Путин е единствениот одговорен за тоа. Но, овие работи не се случуваат во вакуум, рече Помпео.

"Непријателите одлучуваат кога да нападнат. Владимир Путин секогаш сакал поголема Русија. Ќе замине и во својот гроб сакајќи поголема Русија. Еве неколку факти, во 2014 година, за време на Обама, Путин зеде петтина од Украина. Потоа четири години тој не зеде ни педа; се бореше покрај Донбас, но не почна инвазија“, додаде тој.

-Кога заминавме, тој повторно тргна во акција. Тоа е несомнено, тоа се фактите. Може да се расправате дали е случајно, но Путин не се промени во тој период. Неговите намери беа исти. Она што се промени е неговата перцепција за ризикот и тоа се менува во зависност од претседателот, заклучи Помпео.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2023 11:31