Официјален Пекинг денеска ја осуди одлуката на САД да го соборат кинескиот балон што неколку дена леташе над САД, обвинувајќи го Вашингтон дека реагира на очигледно прекумерен начин и „сериозно ја крши меѓународната практика“.

„Кина изразува силно незадоволство и протест поради употребата на сила од САД“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека „го задржува правото да возврати“.

-Американски борбен авион вчера го собори кинескиот балон што неколку дена леташе над САД и чие присуство претставува неприфатливо кршење на суверенитетот на САД, изјави синоќа американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

Остин изјави дека балонот бил соборен над американската сојузна држава Јужна Каролина, по наредба на американскиот претседател Џо Бајден и додаде дека за претседателот „безбедноста на Американците секогаш ќе биде приоритет“.

Бајден им честиташе на пилотите затоа што „успешно ја спроведоа“ оваа деликатна операција, додавајќи дека уште во средата дал наредба да се собори балонот што е можно поскоро, но дека Пентагон сакал да почека побезбедно место за да го направи тоа, поточно да избегне евентуално оштетувања на земјата во случај на евентуално паѓање на делови на балонот.

Овој инцидент предизвика засилени тензии меѓу Вашингтон и Пекинг.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во петокот ја откажа посетата на Пекинг, која требаше да ги смири односите со Кина.

По двоумење, Пекинг призна дека балонот е кинески, но даде уверување дека собира метеоролошки податоци.

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека „јасно бара од САД да се справат со ситуацијата фер, смирено, професионално и воздржано“.

„Пекинг решително ќе ги заштити легитимните права и интереси на компаниите погодени од инцидентот“, додаде кинеското МНР.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2023 03:44