Шести ден како жителите на тетовските села Фалише и Сараќино немаат вода за пиење, поради дефект чија локација сè уште се утврдува од вработените во тетовското комунално претријатие.

Од средата навечер нема вода за пиење во овие села, а работниците изминатите денови не успеале да откријат каде е проблемот, па продолжува детектирањето на дефектот.

-Ни викендов ниту денеска немаме вода. Не ни праќаат цистерни, се снаоѓаме како знаеме и умееме, носиме вода од разни места. Ова е неиздржливо, се жалат на состојбата жителите на Фалише.

Љуљзим Шаќири, раководител на РЕ „Водовод“ при Јавното комуналнопретријатие „Тетово“ објаснува дека се работи на откривање на местото на дефектот, вклучително и за деновите од викендот.

-Добро е што се намалува просторот од 12 километри на само два километри. Проблемот е на потегот од Брвеница/Долно Седларце во правец кон железничката пруга. Утврдивме дека оваа траса е направена 1977 година, но во 90-тите години имало промена поради изградба на автопатот Тетово-Гостивар и тие измени не се евидентирани. Затоа сега имаме проблем да се утврди каде е дефектот. На неколку места правеве проверки и затоа ја исклучуваме можноста дека дефект има над автопатот кон бунарот во реонот на Палчиште/Калник. Може да потрае, граѓаните да имаат разбирарање, информираше денеска Љуљзим Шаќири.

Тој потсетува дека таа водоводна линија се протега преку обработливи површини и полиња, па голема е веројатноста како во неколку наврати досега дотокот на вода во цевките да е прекинат поради физичко затнување-зачепување поради тиња, камења или корења или воздушен џеб. Поради дотраеноста на овој водоснабдителен систем често пати има проблеми, дефекти и прекини во водоснабдувањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2023 02:12