Дојавата за експлозивна направа на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина е лажна, изјави портпаролката на аеродромот Гарентина Гара.

-Ве информираме дека надлежните органи ги презедоа сите оперативни и истражни дејствија. Тоа покажа дека заканата за бомба била лажна тревога. Аеродромот е отворен за летови, а сите летови ќе се одвиваат вообичаено, рече Гара.

Блокадата на аеродромот траеше повеќе од еден час, при што специјализираните единици на полицијата, пожарникарите и итните служби ги презедоа сите неопходни мерки и дејствија.

Претходно имаше неколку тревоги за поставена експлозивна направа на тој аеродром, кои исто така беа лажни.

Последната дојава, пред денеска, беше на 22 декември минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2023 02:28