Поранешниот голман на хрватската репрезентација Марио Галиновиќ веќе подолго време работи во Турција која рано утринава по локално време беше погодена од силен земјотрес со јачина од 7,8 степени.

Галиновиќ се наоѓа во Газиантеп, а епицентарот бил недалеку од овој град.

-Уф, тешка катастрофа. Не можам да ниту да ви опишам колку сме шокирани од овој потрес, а еве сега три часа подоцна со соругата седам во автомобилот, чекаме се да престане. По тој голем потрес, имаше уште еден малку послаб. Ситуацијата е ужасна, вели Галиновиќ, пренесува „Вечерњи лист“.

Истакнува дека првиот силен земјотрес траел минута ипол.

-Можете да замислите како се’ се тресеше. Секако, брзо истрчавме надвор, чекавме зад нашиот облакодер се’ да се смири, додава тој истакнувајќи дека облакодерите кои биле добро направени не се урнале.

Во разорниот земјотрес кој рано утрината го погоди пограничното подрачје меѓу Турција и Сирија, загинаа над 500 лица, а повеќе од 1.200 се повредени.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2023 04:20