Комерцијалните банки согласно постојната законска регулатива треба редовно да ги ажурираат личните податоци на клиентите.

Секоја банка со интерен акт ја определува фреквенцијата на ажурирање на документите и податоците потребни за следење на деловниот однос со клиентите, а клиентите при промена на некој од личните податоци (адреса, нова лична карта и сл.), треба да ја известат банката.

Банките треба да ги информираат граѓаните за наједноставниот, најлесниот и најбрзиот начин на кој можат да ги ажурираат личните податоци и колку често треба да се врши ажурирање на нивните лични податоци кај банката (дури и тогаш кога нема промена на податоците).

- Во современи услови на сѐ позачестено користење на услугите на електронско и мобилно банкарство, согласно законските одредби за заштита на личните податоци и безбедноста на плаќањата, неопходно е банките да одржуваат редовна комуникација со клиентите, заради безбедно извршување на услугите и заштита на корисниците на финансиски производи и услуги, велат од Народната банка.

Во некои банки постои можност ажурирањето на податоците да се врши по електронски пат, без доаѓање на шалтер во банките.

- Изнаоѓањето начини за известување за новините во регулативата, како и редовната комуникација со клиентите за сите аспекти при користењето на услугите од банкарскиот сектор придонесува кон зголемување на довербата на граѓаните во банкарскиот сектор, а со тоа се намалува просторот за шпекулации и дезинформации коишто можат да ја нарушат стабилноста на банкарскиот систем, нагласуваат од Народната банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2023 10:10