Американскиот пејач, текстописец, пијанист, продуцент и еден од најголемите композитори во историјата на поп-музиката, Бaрт Бакерах почина на 94-годишна возраст од природна смрт.

Го дочекал својот крај завчера во својот дом во Лос Анџелес, Калифорнија, опкружен со најблиските. Семејството во овие мигови моли за невознемирување.

Бакерах е автор на хитови, како „Raindrops Keep Fallin' On My Head“ од познатиот филм. Текстописецот и пијанист напиша стотици песни од 1960-тите до 80-тите, од коишто добар дел - со неговиот долгогодишен текстописец Хал Дејвид, кој почина во 2012 година на 91-годишна возраст.

Бакерах има напишано хитови за многу познати уметници, како што се Сила Блек, Дасти Спрингфилд, сер Том Џонс и „Карпентерс“.

Американската пејачка Диона Ворвик беше меѓу неговите омилени соработници, соавтор на хитот од 1985 година - „That's What Friends Are For“, во којшто учество зедоа сер Елтон Џон, Стиви Вондер и Гледис Најт.

Бакерах беше номиниран за 21 „Греми“ награда и освои шест статуетки. Исто така, тој е трикратен добитник на „Оскар“. Неговата песна „Raindrops Keep Falling on My Head“, изведена од Би-Џеј Томас за филмот „Буч Касиди и Санденс Кид“, освои и „Греми“ и „Оскар“ во 1969 година.

Беше коавтор на насловната песна од извонредната комедија „Артур“ заедно со Кристофер Крос за која добија Оскар.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2023 08:47