Ла скала, познатата оперска куќа во Милано, Италија, основана пред 245 години, влезе во нова, дигитална ера, со сопствен телевизиски канал којшто ќе пренесува оперски и балетски претстави и концерти, но и ќе им овозможи на гледачите да проследат постари изведби од дома.

Директорот на Скала, Доминик Мајер денеска пред новинарите изјави дека целта со отворањето ТВ-канал, е „да влеземе во секој дом“, сѐ до „јужноамериканските пампаси“. Стрим-програмата ќе биде пуштена на 14 февруари со пренос во живо на операта „Сицилијанска вечер“ од Џузепе Верди, по што следат снимки од други, постари претстави.

- Дополнително, сакаме сами да одлучуваме што ќе прикажуваме и тоа е прашање на „независност“, нагласи тој.

Партнерството меѓу Ла скала и јавниот телевизиски канал РАИ е прекинато.

Ла скала го следеше примерот на други светски оперски куќи, како што се оние во Виена, Париз или Њујорк, кои сe насочија кон пошироката публика преку телевизијата, а коишто особено процветаа во пандемијата што ги затвори кината.

Новата платформа наречена „LaScala .tv“ е наменета за љубителите на музиката „кои го познаваат театарот, се чести посетители и сега повторно ќе можат да ги гледаат спектаклите во коишто уживаа“, т.е. „да надополнат за пропуштеното“, според соопштението за печатот.

ТВ-каналот ќе биде достапен за плаќање - освен во училиштата, а целта е да се допре и до луѓето кои живеат далеку и не можат да патуваат во Милано. Цените се движат од 2,90 до 11,90 евра по содржина и варираат зависно квалитетот на аудио и видеоснимката, или дали се работи за пренос во живо или за снимка.

Понатаму, платформата е посветена на младите генерации кои се вешти во користењето на стриминг и на кои „треба да им се долови огромното уметничко наследство запишано во историјата и колективниот идентитет на Италија“, соопшти раководството на Ла Скала. Новост е тоа дека во паузите гледачите ќе можат да ѕирнат зад сцената и да се запознаат со тајните на режијата и сценографијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2023 15:52